ДА НЕ СЕ НОСАТ ЗАКОНИ НА БРЗИНА, КАЖА СУДИЈКАТА ЦАЦА НИКОЛОВСКА ПРЕД БИТОЛСКИ СТУДЕНТИ

    ДА НЕ СЕ НОСАТ ЗАКОНИ НА БРЗИНА, КАЖА СУДИЈКАТА ЦАЦА НИКОЛОВСКА ПРЕД БИТОЛСКИ СТУДЕНТИНиколовска вели дека Македонија е меѓу државите кои имаат голем број предмети пред Европскиот суд за човекови права (Фото: СДК.МК)

    Судската, извршната и законодавната власт треба да се коригираат во своето однесување, да не се носат закони на брзина кои по кратко време треба да се менуваат, амандманската расправа станува многу покомплицирана, сето тоа зборува за еден проблем во Македонија, кој и понатаму ќе биде оценуван од Европската комисија со негативни поени, рече Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур при денешната обука на студентите од Правниот факултет во Битола.

    Таа порача дека законите треба да бидат јасни, конкретни и ефективни, базирани врз националната и меѓународната легислатива. Според бројот на жители, Македонија е меѓу државите кои имаат голем број предмети пред Европскиот суд за човекови права и тоа за разни повреди, како слобода на изразување, вероисповед, проблематични притвори, тортура… Има многу кои се отфрлени, но проблемот е што се повторуваат повреди за кои Европскиот суд веќе утврдил дека постојат.

    „Бројот на прифатени предмети каде што е утврдена повреда на одредени човекови права не е мала. Тоа се предмети кои во најголем дел се однесуваат на процедурални проблеми, што од една страна покажува дека нешто фали во системот, дека правата предвидени во законите и во уставот не се доволни, туку треба ефективно тие права да се остваруваат и да се заштитуваат“, рече Николовска.

    Обуката за човекови права се одвива во рамките на проект поддржан од Франкофонската универизтетска агенција. Студентите од Правниот факултет во Битола минатиот месец постигнаа видни успеси на натпревар во Вршац, каде се симулираа процеси пред Судот за човекови права. Го освоија четвртото место, но ја добија и наградата за најдобар писмен поднесок на апликантот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира