ДА СЕ МЕНУВА ПРАВИЛНИКОТ НА ФЗОМ ЗА ДА ИМА ЛЕКАРИ ПО СЕЛАТА, БАРААТ ДОКТОРИТЕ

    ДА СЕ МЕНУВА ПРАВИЛНИКОТ НА ФЗОМ ЗА ДА ИМА ЛЕКАРИ ПО СЕЛАТА, БАРААТ ДОКТОРИТЕЗдружението на приватните лекари на Македонија бара Правилникот на ФЗОМ да се прилагоди на одреден регион зашто за многу села во Македонија е невозможно лекар да има 500 пациенти за да добива државна стимулација од 90.000 денари; - Амблантата во велешкото село Извор е напуштена оти нема лекар (Фото: СДК.МК)

    Жителите на руралните области мака мачат да дојдат до лекар, оти на многу места, како во Општина Чашка на пример, на стотина километри нема здравствена услуга. Причината за ова докторите ја гледаат во Правилникот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) според кој, за некој биде да рурален доктор и да добива стимулација која ја дава државата во висина од 90.000 денари, треба да има 500 запишани пациенти. Оваа бројка за многу села во Македонија е недостижна.

    „Работите во државата се менуваат, народот заминува, се иселува, селата се напуштаат, изумираат и не може да стои оваа бројка од 500 пациенти. Треба да се коригира и да се променат бројките, Правилникот да се прилагоди на одреден регион. Прашање е колку ни значат животите на тие луѓе кои се таму, живеат во руралните средини. Нема ништо поскапо од човечки живот. Има доктори, кои сакаат да работат и во село, но мора да бидат стимулирани. Субвенции се даваат за крави, овци, живина, за луѓето нема. Министерството за земјоделие повеќе се грижи за стоката, отколку Министерството за здравство за луѓето. Не смее да се има селективен однос“, кажа д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари во Македонија.

    Општина Чашка, која според територија е трета по големина во Македонија, има дури 43 села, а 8 илјади жители.

    „Апелирам до сите лекари, иако има дефицит на доктори во земјава, наместо да заминуваат да се пријават на огласите за овие рурални средини. Во Богомила и Извор нема лекар и напуштените амбуланти со ангажирање доктор нема да останат на забот на времето, да се оштетуваат“, рече градоначалникот Горан Стојановски.

    Тој е подготвен со одлука на Советот на Општината да ги субвенционира и да ги плаќа трошоците за комуналии во овие два населени места, кирија, вода, струја, бидејќи објекти има, но лекар не. Имало, но си заминале.

    За итен случај, во блиските села Ореше или Папрадиште доаѓа доктор од Брза помош од Велес, патува по час и повеќе.

    „За обична настинка, температура на дете, мораме до Велес да го носиме, а зима е, снегови, патишта подмрзнати“, вели Зоран Стојанов, жител на Богомила.

    Во дел од населените места во Општината, рурален доктор доаѓа два пати месечно на посета.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира