ДА СЕ УКИНЕ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА И ДА СЕ РАСПУШТИ РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, БАРАА ТЕТОВЦИ НА ПРОТЕСТОТ

    ДА СЕ УКИНЕ ПОСКАПУВАЊЕТО НА СТРУЈАТА И ДА СЕ РАСПУШТИ РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, БАРАА ТЕТОВЦИ НА ПРОТЕСТОТНа протестот беше најавено дека ако не се исполнат барањата во рок од 10 дена, ќе се организираат протесни маршеви и блокади на главните улици. (Фото: СДК.МК)

    Над илјада тетовци попладнево се собраа на градскиот плоштад за да изразат протест поради поскапувањето на струјата. Протестот беше организиран од Иницијативен совет во кој влегоа неколку невладини здруженија и граѓански активисти, беше побарано да се укине најавеното зголемување на цената на струјата за 7,4 отсто од септември и да се укине Регулаторната комисија за енергетика.

    „Денес се собравме на овој плоштад да го кренеме нашиот глас, да го изразиме својот гнев и незадоволство и да реагираме против зголемувањето на цената на електричната енергија и другите проблеми поврзани со крвопијските компании кои ни продаваат струја. Овој народ денес се крена на нозе, овде во Тетово, во Скопје, во Куманово, во Дебар и низ целата земја. Овие луѓе одбиваат да бидат потценети и навредени, овие луѓе одбиваат да бидат ограбени. Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика да се зголеми цената на електричната енергија во време на пандемијата е скандалозна, срамна и недопустлива. Македонија плаќа скоро највисока тарифа за електрична енергија во Европа, но овие крадци не се задоволни“, беше кажано во прогласот што беше прочитан пред присутните.

    Од овој протестен собир до Регулаторната комисија за енергетика, до Парламентот, до Владата и до ЕВН беа испратени 4 барања.

    „Регулаторната комисија за енергетика веднаш да ја стави вон сила одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4% и да ја намали цената на електричната енергија за потрошувачите за 20%. Владата да го укине монополот на услугите на компанијата ЕВН и да стави крај на нивниото некоректно и нечовечко однесување кон потрошувачите, Собранието на Република Северна Македонија да ја укине (распушти) Регулаторната комисија и Собранието да формира независен арбитрарен орган во служба на граѓаните кој ќе го верификува квалитетот на услугите“ беше наведено во барањата“, беше обарано на протестот.

    Од протестот беше побарано овие барања да бидат исполнети во рок од десет работни денови за да не се дозволи, како што беше речено, граѓаните овој проблем да го решаваат според бугарскиот модел, алудирајќи на актуелните протести против Владата во Бугарија. Ако не се исполнат барањата во бараниот рок, се најави дека ќе се организираат протесни маршеви и блокади на главните улици.

    Протесниот собир траеше петнаесетина минути, пораките и барањата беа прочитани на албански и на македонски јазик. Поради големиот број насобран народ тешко беше да се одржува дистанца меѓу присутните од кои дел имаа заштитни маски, а дел немаа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира