Приватните превозници и директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски денеска се искараа на прес-конференцијата која ја свикаа поради долг кој претпријатието го има кон нив. Приватните превозници кажаа дека вкупниот долг на ЈСП кон нив е 170 милиони денари (околу 2,75 милиони евра), а доспеаниот изнесува 90 милиони денари (околу 1,45 милиони евра). Рекоа дека немаат пари за гориво и дека од понеделник ќе возат со редуциран возен ред од 5 до 10 часот наутро.
На прес-конференцијата се појави директорот на ЈСП Кушовски, кој им рече дека лажат и дека долгот не е 90 милиони денари туку 60 милиони денари (над 970.000 евра). По ова, превозниците го нападнаа директорот и го пршаа за кој месец има тој земено плата. Кушовски рече дека зел плата за август, а сега ќе земе за септември. Тоа дополнително ги разлути приватните провозници кои му рекоа дека тие последен пат имаат земено плата за март.
„Ти велиш си зел плата за август, е па ние имаме земено за март, а сега сме месец октомври. Кажи ни, дали ти би работел 6 месеци без плата? Вие кога немавте нафта ги повлековте автобусите. Последната исплата кон нас е направена пред две недели за месец март, а сега сме октомври“, му викаа превознциите на Кушовски.
Тој им рече дека не се коректни и дека тераат политика.
„Се плаќаат долговите согласно нашите можности, долгот не е тој што го кажувате, да престанете да манипулираме со граѓаните. Должиме 60 милиони денари. Јас кога дојдов на директорско место тие долгови ги наследив и го намалив долгот“, рече Кушовски.
Јавниот превоз во Скопје од доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска е во целосен хаос. Пред две и пол години приватните превозни престанаа да возат поради градскиот долг кон нив. Тогаш Арсовска ги раскина договорите со нив и склучи со нови превозници. Но, и тие постојано обвинуваат дека ЈСП „Скопје“ и Градот не им плаќаат според договорот и дека постојано им должат пари и не можат нормално да работат.
А. АНТЕВСКА