ДАМЈАН ОД ШТИП НЕ ДОБИ НАГРАДА ЗА ПРВО МЕСТО ОТИ БИЛ ОСНОВЕЦ, АМА НАГРАДА НЕМА НИ ЗА ВТОРОПЛАСИРАНИОТ СРЕДНОШКОЛЕЦ НА МАТЕМАТИЧКИОТ НАТПРЕВАР ЗАШТО НЕ БИЛ ПРВ

    ДАМЈАН ОД ШТИП НЕ ДОБИ НАГРАДА ЗА ПРВО МЕСТО ОТИ БИЛ ОСНОВЕЦ, АМА НАГРАДА НЕМА НИ ЗА ВТОРОПЛАСИРАНИОТ СРЕДНОШКОЛЕЦ НА МАТЕМАТИЧКИОТ НАТПРЕВАР ЗАШТО НЕ БИЛ ПРВМладиот штипски математичар со сребро од математичаката Балканска олимпијада во Кипар во 2019 година. (Фото: Приватна архива)    

    Дамјан Давков, ученик во основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, кој на Државното првенство по математика го освои првото место во конкуренција на ученици од прва година средно образование, останува без награда од Министерството за образование и наука (МОН). Го скршил законот, излегол да ги одмери силите во знаење со повозрасни од него.

    Истиот основец Давков на Балканската математичка олимпијада во 2019 година го освои второто место во конкуренција на средношколци.

    Семејството на Дамјан реагира затоа што МОН воопшто не води сметка за млади луѓе кои уште од малa возраст, од основното образование, покажуваат натпросечен квалитет. Реагираат дека ваквите ученици државата дури и ги елиминира во добивањето награди.

    „Иронијата да биде поголема наградата не ја доби ниту второпласираниот средношколец само заради тоа што не бил прв, а првопласираниот заради тоа што бил основец, а не бил средношколец. Средствата остануваат во Министерството. Тоа ли е стимулирањето на млади талентирани ученици?“ прашуваат најблиските на Дамјан.

    Дамјан Давков, велат од неговото ОУ „Ванчо Прке “ во Штип, е голем талент. Тој уште од четврто одделение се натпреварува по математика во конкуренција на ученици кои се и 3 години поостари од него. Како седмоодделенец Дамјан стана државен првак по математика за прва година средно образование .

    Роднини на овој талентиран математичар велат дека не е работата да се поведе спор пред Управниот суд да се добие паричната награда во износ од 50 проценти од просечната плата, туку Министерството повеќе да ги стимулира младите луѓе кои покажуваат афинитети кон некои области и тоа го докажуваат на официјални натпревари што самото ги организира. Настрана што во Законот за средно образование никаде не пишува дека ученикот мора да е средно образование, потенцираат тие.

    Министерството за образование и наука кое со потпис на министерката Мила Царовска одби да му исплати награда на Давков за освоената прва награда по математика, се огласи со соопштение за случајот, во кое објаснува зошто не може да му префрлат парична награда, нагласувајќи дека МОН не може да излезе од тоа што го пишува во законот.

    „Во врска со реакциите во јавноста по однос на информацијата за одбиениот ученик Дамјан Давков од Штип и неговиот наставник – ментор Кокан Радев за доделување на парична награда по основ на освоено прво место на државен ученички натпревар, Министерството за образование и наука е должно да извести дека согласно законите за основно и средно образование, како и согласно правилниците за организирање на општински, регионални и државни ученички натпревари од страна на акредитирани здруженија на наставници од страна на МОН, на ученичките натпревари за основно образование можат да учествуваат само ученици од основни училишта и на натпреварите во средно образование да учествуваат само средношколци. Во конкретниот случај, се работи за ученик од основно училиште ‘Ванчо Прке’ од Штип, кој учествувал на натпревар за ученици од средни училишта, што не е во согласност со правните прописи кои ја регулираат оваа тематика“, се вели во соопштението.

    МОН вели дека презема обврска за повторно да го преиспита целиот случај околу постапката за доделување на парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран конкретниот натпревар од страна на Здружението на наставници кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика.

    „Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината“, се вели во соопштението и се додава дека МОН развива политики за ваквите талентирани ученици.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира