ДАНЕЛА АРСОВСКА ГО ОБВИНИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДЕКА ОПШТИНАТА ИСТУРАЛА КАНЦЕРОГЕН ОТПАД НА ДИВА ДЕПОНИЈА НА ПРИВАТЕН ИМОТ

    ДАНЕЛА АРСОВСКА ГО ОБВИНИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДЕКА ОПШТИНАТА ИСТУРАЛА КАНЦЕРОГЕН ОТПАД НА ДИВА ДЕПОНИЈА НА ПРИВАТЕН ИМОТОд Општина Ѓорче Петров велат дека никогаш не депонирале отпад на нелегален имот и дека Арсовска измислува случај да си ја покрие неспособноста (Фото: Град Скопје)

    Приватен имот во Општина Ѓорче Петров близу реката Лепенец е претворен во дива депонија, а сопственикот наплаќал за депонирање на секаков вид отпад.

    Ова на прес-конференција го објави градоначалничката на Скопје Данела Арсовска која кажа дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и Град Скопје ќе поднесе кривична пријава против лицата вклучени во ова загадување на градот. Обвини дека еден од најголемите клиенти на нелегалната депонија била Општина Ѓорче Петров.

    „На оваа локација од нелегална книговодствена евиденција може да се види дека меѓу 50 и 100 тешки товарни возила камиони истурале токсичен и канцероген отпад. Од прибраните докази на нашите инспектори за животна средина констатирано е дека приватната дива депонија се користела како бизнис од наведените лица кои не само што предизвикале еко катастрофа со истурање отпад во заштитена зона Лепенец туку се и осомничени за сторен финансиски криминал, а она што можеби е најтрагично во целата ситуација е прашањето дали најголем клиент на овие лица кои вршеле екоцид била токму Општината Ѓорче Петров“, кажа Арсовска на прес-конференција.

    Како што кажа таа, во  тетратките во кои се водела нелегална книговодствена евиденција се гледа дека покрај градежните фирми и приватни лица, од кои се наплаќало меѓу 1.000-1.200 денари, најчест клиент кој депонирал опасен отпад е токму Општината.

    „Да биде трагедијата поголема, приватната дива депонија се наоѓа на парцела која е во сопственост на компанија која веќе е под истрага за други дела, како и на лице кое е вработено во Општина Ѓорче Петров во секоторот за финансии, а од неодамна е избран и за претседател на Синдикатот на вработените во Општината. Лице, кое на социјалните мрежи често може да се забележи во друштво со градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски“, кажа Арсовска, додавајќи дека Општината нема склучено договор со депонија ЈП „Дрисла“ за одлагање комунален и општински отпад.

    Од Општина Ѓорче Петров велат дека никогаш не депонирале отпад нелегално на посочената локација, ниту создавала диви депонии.

    „За тоа дека ја говориме вистината, градоначалничката Арсовска може да провери во пунктот на ‘Комунална хигена‘ во Карпош, каде јасно ќе види дека општинските служби таму одлагале кабаст отпад. Големиот помпезен случај на Арсовска, се решава за 5 минути и еден телефонски разговор со нејзиниот директор на ова јавно претпријатие. Добро ќе биде наместо водење висока политика и кажувањето на ловечки приказни, градоначалничката да се погрижи за акутните проблеми на градот’, стои во реакцијата од Општина Ѓорче Петров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира