ДАНЕЛА Е СО ПОЛН СТОМАК, НИЕ СМЕ ГЛАДНИ, СЕ ПОЖАЛИЈА ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП СКОПЈЕ И НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ СО СЕМЕЈСТВАТА УТРЕ

    ДАНЕЛА Е СО ПОЛН СТОМАК, НИЕ СМЕ ГЛАДНИ, СЕ ПОЖАЛИЈА ВОЗАЧИТЕ НА ЈСП СКОПЈЕ И НАЈАВИЈА ПРОТЕСТ СО СЕМЕЈСТВАТА УТРЕВработените во ЈСП Скопје уште ја немаат земено септемвриската плата. - Автобус на ЈСП; Градоначалничката Данела Арсовска (Фото: СДК.МК)

    Вработените во ЈСП Скопје најавија дека утре сабајле со семејствата ќе протестираат пред централата на јавното претпријатие ако денеска не им биде исплатена септемвриската плата. Како виновници за неисплатената плата, тие ги посочија скопската градоначалничка Данела Арсовска и директорот на ЈСП Александар Стојковски.

    „Утре се договоривме да дојдеме со семејствата во 4.30 часот сабајле. Градоначалничката и Градот Скопје земаа плата, они се со полни стомаци, ние сме гладни. Денеска е 19-ти, кога ќе добиеме плата, кога ќе јадеме? И ние имаме деца како што она има деца и како што директорот има деца. Веќе отиде и октомври месец, немаме земено за септември“, изјави Африм Муча, претседател на независниот синдикат на возачите во ЈСП Скопје, на денешната прес-конференција.

    За денеска велат дека ќе има автобуси, но тоа, како што кажаа, зависи од работата на полицијата која ги проверува сите автобуси поради дојава за бомба. За утре, пак, велат дека сè може да се случи.

    „Ако не добиеме плата, утре нема да може да ги исполнуваме своите работни задачи. Извршителите веќе ни се на се врат. Децата ни бараат пари да си купат ужинка, фрижидерите ни се празни. Гладни сме“, велат вработените во ЈСП.

    За најавениот протест, денеска пред Влада, од синдикатот на ЈСП велат дека не знаат кој го организира и додаваат: „За кого да протестираме пред Влада. Работникот не смее да се злоупотребува, ние си штрајкуваме за плата“.

    Денешниот протест пред Владата го најави секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.

    По барање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за денеска е закажана вонредна седница на Советот на Град Скопје. Барањето на советниците на ВМРО-ДПМНЕ е да се пренаменат средства од буџетот за плати за вработените во ЈСП „Скопје“, а од синдикатот на вработените во ЈСП се надеваат дека на оваа седница ќе се најде решение за исплата на нивните плати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира