ДОЈАВАТА ЗА БОМБА ВО АВТОБУС СТИГНАЛА ОД ВРАБОТЕН ВО ЈСП СКОПЈЕ, СООПШТИ МВР

    ДОЈАВАТА ЗА БОМБА ВО АВТОБУС СТИГНАЛА ОД ВРАБОТЕН ВО ЈСП СКОПЈЕ, СООПШТИ МВРВработениот се заканил дека ќе постави бомба за време на протестот пред Влада. (Фото: К.Попов)

    Вработен во ЈСП Скопје го испратил мејлот со закана дека ќе постави бомба во автобус од јавниот превоз, соопшти Министерството за внатрешни работи. Лицето е уапсено и како што велат од МВР се работи на расчистување на случајот. Заканата за бомба била поради неисплатена плата.

    „Ј. И.  вработен во ЈСП околу 5 часот од неговиот меил, на службениот меил на ЈСП и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други  служби во претпријатието испратил закана дека поради нередовното земање на плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП, која би експлодирала денес за време на протестите. Се вршат антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

    Од утрово во Скопје нема автобуси. Граѓаните не можат да стигнат на работните места, со саати чекаат на станиците. Возачите кои утрово се повлекувале од линиите им велеле на патниците да не чекаат воопшто автобуси оти на пладне ќе одат на протести пред Влада и таму ќе ги паркирале возилата.

    Од ЈСП соопштија дека екипите за антитероризам се на терен и постепено возилата се вклучуваат на линија по претходна соодветна безбедносна проверка.

    Скопје е парализирано и остана без јавен превоз точно на една година од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска. Токму јавниот превоз кој сега не функционира беше главно предизборно ветување на Арсовска. Таа вети бесплатен превоз за сите граѓани и 250 еколошки автобуси, но од тоа ништо, во Скопје сега воопшто нема автобуси.

    Градоначалничката Данела Арсовска најави дека денеска ќе ги паркираат автобусите пред Влада и ќе штрајкуваат бидејќи не им биле префрлени пари за ученички и студентски билети и затоа не можело да се подели плата на вработените. Владата вчера кажа дека во зимскиот семестар од студиската 2021-2022 година студентите не посетуваа настава со физичко присуство и затоа не се предвидени пари за карти. Владата смета дека ваквата состојба во која е ЈСП и најавата дека во Скопје ќе нема јавен превоз е показател оти општините неодговорно менаџираат со средствата наменети за превоз на учениците и навремено не ги подмируваат обврските.

    Ден претходно шоферите на ЈСП најавија дека нема да возат додека Арсовска не им обезбеди пари за плати за сите месеци до крајот на годинава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира