Тетовци веќе седум денови се мачат со недостаток од вода за пиење. Дефектот кој настана на водоводот од пред седу денови сѐ уште не е отстранет. Градот, од потребниот минимум од 350 литри вода во секунда, сега добива едвај 200 литри поради што се воведени рестрикции во траење од преку десет часови дневно. Поради опаднатиот притисок, повисоките делови од градот дневно имаат едвај по еден до два часа вода за пиење и тоа само рано наутро. Од ЈКП Тетово велат работаат на отстранување на дефектот, но не можат со сигурност да кажат кога тој ќе биде отстранет.
„Иако во петокот и саботата беше завршено носењето на трите дела од вкупно 60 метри цевковод истиот не може да се користи поради лизгање на земјиштето и со тоа на цевките. Местото е калливо и ја отежнува работата со багери. Треба да направиме нова и подобра основа за поставување на цевката долга 60 метри и да се спои со водоснабдителниот систем. Работите ќе мора да траат уште неколку денови“, вели Љуљзим Шаќири раководител на работната единица „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.
Кај жителите на Тетово се повеќе расте револтот од ваквата состојба, а се јавија и политичките партии кои за сето ова, вината ја префрлаат кон градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Минатиот вторник поради ерозија на земјиштето кај планското село Бозовце, во должина од 60 метри беше оштетен водоводот кој од месноста „Лешница“ зафаќа вода од реката Пена. Преку овој зафат се добиваа околу 150 литри вода во секунда, колку што на градот ми се потребни за нормално снабдување со вода за пиење.
З. АНДОНОВ