ДЕЛ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА ОД КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО ОДБИВААТ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ, ДОСЕГА 53 ЈА ПРИМИЈА ВАКЦИНАТА

    ДЕЛ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА ОД КОВИД-ЦЕНТАРОТ ВО ТЕТОВО ОДБИВААТ ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ, ДОСЕГА 53 ЈА ПРИМИЈА ВАКЦИНАТАВо Ковид-центарот во Тетово се хоспитализирани 14 лица од кои осум се во потешка здравствена состојба. (Фото: СДК.МК)

    Првата група од 53 медицински лица од Клиничката болница во Тетово во саботата ја примија првата доза од  вакцината против ковид-19. Според Националниот план за имунизација, вакцината први ја примиле оние медицински лица кои се во директен допир со заразените со ковид-19. Вакцинацинирањето се одвива во монтажната болница до Клиниката за инфективни болести во Скопје.

    Сепак, еден мал дел од медицинските лица одбиле да се вакцинираат бидејќи биле скептични кон вакцината.

    „Имаме етапно вакцинирање. Во првата фаза се вакцинираа лекарите и медицинските сестри кои работат во т. н. црвена зона, односно тие што се директно во допир со заразени пациенти. За жал, имаше и скептици кои избегнаа да се вакцинираат, што е и малку чудно бидејќи и тие работат во Ковид -центарот. Можеби се плашат но, како и да е, ќе ги убедиме и тие деновиве да се вакцинираат. Вакцинирањето продолжува и денес“, вели д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид-центарот во Тетово.

    Во овој момент во Ковид-центарот се хоспитализирани 14 лица од кои осум се во потешка здравствена состојба. Сѐ уште нема регистрирано заболени од британскиот сој на вирусот.

    „Ние уште немаме информација од МАНУ бидејќи брисевите кои ги земаме се праќаат таму на испитување. Но, во случај да има некој позитивен на новиот сој, од МАНУ веднаш ќе нѐ информираат. Бидејќи засега официјално немаме таква информација, може да се каже дека засега немаме заболени со овој нов сој на вирус. Но, сите овие мерки кои ги превземаме важат и за едниот и за другиот сој вирус и ние мораме да бидеме крајно претпазливи“, додава д-р Нуредини.

    Модуларната  болница која се наоѓа во кругот на Клиничката болница речиси е завршена со градба и опрема и е подготвена да ги прими првите пациенти ако за тоа се јави потреба. Засега капацитетите на Клиничката болница, како што велат оттаму, се сосем доволни да го згрижат сите заболени од Тетовскиот Регион.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира