Откако живнаа младите садници покрај оградата на „Маслодајна“ во Велес кои пролетоска беа исечени во време на полициски час, оваа есен доживеаја ново уништување. Дел од нив се исушија и не вегетираат откако во коренот бил истурен мазут.
Првиот инцидент се случи ноќта меѓу 29 и 30 март, кога беа исечени 14 садници засадени една година порано. Велешките екологисти реагираат за последниот инцидент, но и за крадењето на 10-ина млади јавори пред неколку дена.
„Очигледно, некому му пречи овој дрворед кај ‘Маслодајна‘. Тука на таа ограда има место за плакати и реклами, има простор за паркирање, иако е тротоар и можеме да се сомневаме кој и зошто ги уништува дрвјата. За украдените од Градскиот парк може да се каже дека некој грижливо ги отстранил сосе корен од земја. Тие се високи 2,5 метри и не можат да се однесат така лесно“, кажа Даниела Јововиќ, активистка од ЕГ „Зелена сила“.
Со цел да се обнови дрворедот на улицата АСНОМ, локалната власт деновиве ископала дупки за нови садници. Но, потоа во нив бил истурен мазут и истите не можат да се користат за садење.
За уништувањето на дрвјата во март се јавил сведок, кој раскажал што се случило и велешката полиција почна истрага, која досега не дошла до информации за можен сторител.
П. ПЕЧКОВ