ДЕЛОВИ ОД СКОПЈЕ СЕ БЕЗ ВОДА ОТКАКО НА „ВОДОВОД“ МУ Е ИСКЛУЧЕНА СТРУЈАТА ОТИ НЕ ГИ ПЛАЌА СМЕТКИТЕ

    ДЕЛОВИ ОД СКОПЈЕ СЕ БЕЗ ВОДА ОТКАКО НА „ВОДОВОД“ МУ Е ИСКЛУЧЕНА СТРУЈАТА ОТИ НЕ ГИ ПЛАЌА СМЕТКИТЕИсклучена од струја е и зградата на ЈП „Водовод и канализација“. (Фото: СДК.МК)

    Делови од Скопје, особено повисоките места од градот немаат вода, бидејќи на градското претпријатие „Водовод и канализација“ му е исклучена струјата. Поради исклучената струја на неколку локации не работат пумпите кои треба водата да ја однесат до повисоките точки.

    Исто така без струја од утрово е и зградата на ЈП „Водовод и канализација“.

    Немаме вода веќе неколку часа. Немаше никаква најава дека ќе има некаков зафат, па се јавивме на дежурниот телефон во ‘Водовод‘. Ни рекоа дека нема никаков дефект туку дека им е исклучена струјата“, вели жителка на населбата Нерези.

    Од ЕВН ни рекоа дека по барање на снабдувачот „Енерџи активе“ од Скопје, на неколку локации во Скопје е исклучена струјата. Од фирмата снабдувач не сакаат да даваат никакви информации. Ни рекоа дека во моментов сите одговорни лице се на состанок.

    Најновиот директор на „Водовод“ Виктор Панчевски, кој на функцијата градоначалничката Данела Арсовска го постави во февруари, не одговараше на нашите телефонски повици.

    ЈП „Водовод и канализација“ на први септември 2023 склучи договор со фирмата „Енерџи активе“ од Скопје за набавка на струја. Договорот е со траење од една годинa и е со вредност од околу 7 милиони евра.

    Според неофицијалните информации на САКАМДАКАЖАМ.МК, претпријатието има голем долг и веќе извесен период добивале опомени пред исклучување, но и покрај тоа долгот не е подмирен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира