Од денеска, скопската Зоолошка градина повторно е отворена за посетители откако 21 ден беше затворена поради случај на птичји грип.
„Зоолошката градина повторно ќе биде отворена за посетители, со редовно работно време од 9 до 16 часот секој ден“, соопштија од градината.
Зоолошката беше затворена на 19 октомври. Кај една гуска која угинала во градината било утврдено присуство на птичји грип и затоа инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа надзор. Поради мерки на безбедност беше извршено хумано убивање и нештетно отстранување на 24 патки, шест гуски, пет кокошки и една чавка, а градината беше затворена на 21 ден.
Дел од вработените беа во карантин, но по направените испитувања, кај ниту еден од нив не беше констатиран птичји грип.
А. АНТЕВСКА