Дивата депонија во Струга повторно е запалена од непознат сторител. Струшките противпожарни екипи засега не можат да го гаснат пожарот поради непристапниот терен и можноста од големиот пламен и темнината да се оштетат возилата.
„До 19 часот се беше ок. Потоа депонијата пламна. Гори на сите страни и има многу чад. Цела Струга е во чад. Поради непристапноста на теренот, пожарот не се гасне“, изјавија очевидци за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Од струшката полиција велат дека е непозната причината за пожарот. Поради ветерот, чадот го има обвиткано цел град.
Пожарот се случи само неколку часа откако Струга ја посети министерот за животна средина Садула Дураку. Тој беше во градот баш за да ја испита состојбата околу дивата депонија, која се наоѓа на 500 метри од првите населби. Тој вети дека министерството ќе најде начин да се реши проблемот со депонијата која ја труе Струга со години.