ДЕПОНИЈАТА РУСИНО НАМЕРНО СЕ ПАЛИ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ, ОБВИНУВА ГОСТИВАРСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ТАРАВАРИ

    ДЕПОНИЈАТА РУСИНО НАМЕРНО СЕ ПАЛИ ОД ПОЛИТИЧКИ ПРИЧИНИ, ОБВИНУВА ГОСТИВАРСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ТАРАВАРИТаравари вели дека во наредниот период ќе бидат поставени над 100 камери за да се утврди кој ја пали депонијата (Фото: аматерска фотографија)

    Речиси еден месец гори отпадот во депонијата Русино кај Гостивар. Неретко густиот чад доаѓа и до Гостивар, иако таа е оддалечена речиси 10 километри. На ова бурно реагираат гостиварските екологисти и градоначалникот Арбен Таравари и се сомневаат дека ѓубрето намерно се пали.

    „Нема дилема дека некој намерно ја пали депонијата. Ни се случи пред Бајрам, сега ни се случува 5-6 дена пред избори. Додека со депонијата една година оперираше еден член на ДУИ, немаше никаков пожар. Откако поради направени злоупотреби го сменив и дојде друг оператор, оттогаш скоро секоја недела имаме пожари. Ние покренавме и предмет во Јавното обвинителство против непознат сторител за да се открие кој ги подметнува пожарите и зошто наштетува на здравјето на граѓаните. Ги молам членовите на другите политички партии да не го злоупотребуваат здравјето на граѓаните за политички поени“, изјави Таравари.

    И гостиварските екологисти се едногласни дека состојбата со оваа депонија е катастрофална и таа преставува огромна опасност за Гостивар и за околните населени места.

    „Состојбата е поразителна, еколошки недозволива и штетна за здравјето на гостиварци. Во Гостивар е секојдневие ‘затворете ги прозорците, труе, гори депонијата Русино‘. Испитувањата покажаа дека со оваа депонија имаме комплетно загадување на почвата, подземните и надземните води и на воздухот“, велат гостиварските екологисти.

    Вчеравечер во СВР Тетово било пријавено дека депонијата гори. Според кажувањето на вработен во обезбедувањето на депонијата, околу 13 часот на три места одеднаш избил пожар.

    Таравари вели дека било ангажирано и обезбедување на депонијата, но поради големата површина, таа не може целосно да се контролира.

    „Вчера интервенираа и противпожарната единица од Гостивар и Комуналното претпријатие за гаснење на пожарот на депонијата, но е запалена голема површина. Во наредниот период ќе бидат поставени над 100 камери за да се утврди кој ја пали депонијата. Општина Гостивар нема никакви ингеренции врз депонијата, туку надлежен орган е Министерството за екологија и животна средина. Ингеренциите ни се одземени пред две и пол години“, надополнува Таравари.

    Граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“ најавува повеќедневно блокирање на патот кој води до депонијата за привремено да се оневозможи транспортот на ѓубре, како и во знак на предупредување дека граѓаните го изгубија трпението и бараат најитно решавање на проблемот.

    Русино е регионална депонија за полошките општини, а нејзиното стандардизирање, односно изградба по сите еколошки и светски стандарди, треба да се реализира во рамките на проектот „Управување со цврст отпад во Полошкиот регион“, за што е добиена и меѓународна финансиска помош.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари