ДЕСЕТИНА СЕЛА СЕ БЕЗ СТРУЈА ПО БУРАТА ШТО ЈА ЗАФАТИ ПРЕСПА

    ДЕСЕТИНА СЕЛА СЕ БЕЗ СТРУЈА ПО БУРАТА ШТО ЈА ЗАФАТИ ПРЕСПАСилно невреме, проследено со врнежи од дожд и град и силен ветер предизвика значителни материјални штети во Преспа. (Фото: Фејсбук)

    Десетина села во Преспа се без струја откако попладнево регионот беше погоден од силна бура, потврди градоначалникот Живко Гошаревски.

    Силно невреме, какво жителите велат дека не паметат со години, ја зафати Преспа попладнево околу 18,30 часот. Невремето беше проследено со врнежи од дожд и град и силен ветер.

    „Ни се случи ужас, како ураган да не погоди. Сè што имавме од градинарски култури е паднато по земја. Ќерамиди летаа од куќите на сите страни. Оџаци паѓаа, токму од нашата куќа падна оџакот. На сите страни има искршени дрвја, искинати жици. Три часа сме без струја. Во дворот имаме голем орев , од силниот ветер гранките ни влегоа дома“, вели Весна Арсовска Митревска од село Стење.

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека невремето е смирено, но зад себе остави големи материјални штети.

    „Среќа е што нема повредени. Има откорнати дрвја, покриви, штети во овоштарници. Екипи на Македонија пат и на Противпожарната единица ги расчистуваат сите приоди кон селата, а утре ќе се излезе пак на терен да се проценат штетите. Вакво невреме не паметат ни најстарите жители на Преспа. Погодени најмногу се селата што гравитираат околу Маркова Нога“, рече Гошаревски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира