Огромна депонија стои пред влезот на градинката „Пампурче“ во скопската населба Даме Груев во Општина Ѓорче Петров. Граѓани кои секојдневно ги носат децата во градинка испратија фотографии до нашата редакција велејќи дека пола месец никој не го собира ѓубрето.
„До сега ниту еден камион, надлежно лице не поминал да го собере ѓубрето, напротив оваа мини депонија секојдневно расте и се проширува. Со оглед на тоа дека ѓубрето е расфрлено низ целиот паркинг, се оневозможува нормалното функционирање на паркингот, како и се блокира влезот на градинката со ѓубре. Ова навистина не се трпи, затрупани во ѓубре, слух се нема од ниту една служба или институција. Топката постојано се префрла од едни на други од Општината кон Градот и за жал тука завршува“, вели жителка на населбата.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски вели ѓубрето од контејнерите низ градот го собира градското јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за што граѓаните плаќаат надоместок. Но, „Комунална хигиена“ не си ја врши работата, нередовно ги празни контејнерите па затоа се прават депонии околу нив не само на оваа локација туку и на други место низ општината.
„Во Општина Ѓорче Петров имаме голем проблем оти ‘Комунална‘ не чисти и не собира ѓубре. Нередовно им се празнат кантите на жителите во куќите, само еднаш неделно, и целиот смет завршува во контејнерите. Плус не се празнат редовно контејнерите па се тура наоколу и после тоа ѓубре не го собираат. Мислам дури дека и тенденциозно го прават. Како Општина немаме јавно претпријатие, ниту надлежност да работиме со комунален отпад, граѓаните плаќаат за таа услуга на ‘Комунална хигиена‘. Но, бидејќи ова веќе е неподносливо ќе мора да распишеме тендер за изнајмување на возила од приватна фирма за да можеме самите да чистиме“, вели Стојкоски.
А. АНТЕВСКА