Децата од градинката „Димче Мирчев“ од Велес го пошумуваа опожарениот дел во околината на езерото Младост. Заедно со нивните родители и воспитувачки, беа засадени три илјади садници зимзелени дрвца. Настанот се одржа под мотото „Засади дрвце, засади радост“, а беше организиран во соработка со Спортската академија „Јуниор“.
„Имавме отворен повик за сите деца од градинката. Се одѕваа дечиња од сите возрасти, па дури и од јаслите. Разбирливо, тие беа донесени од родителите и покажаа голема свест за екологијата и животната средина. Дечињата со насмевки на лицата научија за значењето на дрвјата преку сопствено искуство. Беше тоа убава дружба со природата, а децата со многу љубов ги засадија садниците за да се создаде ’Нашата волшебна шума’“, изјави директорката Наташа Јанушева.
Акцијата за засадување се организира по вторпат. Зимзелените садници беа обезбедени од градинката, а садниците јасен од ЈП „Национални шуми“ – ПЕ „Бабуна“ – Велес. Тие го подготвија теренот за засадување заедно со вработените од ЈКП „Дервен“.
П. ПЕЧКОВ



