Улицата Љубљанска пред ТЦ Сити мол секој ден е блокирана од таксисти и возила бидејќи полицијата нигде ја нема. Откако Град Скопје ја реконструираше улицата, со хоризонтална сигнализација обележи дека е забрането паркирање и такси станицата ја премести неколку метри подолу.
Дури и градоначалникот Петре Шилегов лично ги бркаше таксистите и ги информираше да се паркираат подолу. Но, возила и покрај тоа секој ден слободно стоеја, па екипите на „Улици и патишта“ ставија заштитни столпчиња. Сега таксистите се паркираат на втората лента и го блокираат движењето на возила.
Од Град Скопје велат дека тие немаат надлежност за казнување за погрешно паркирање, туку сообраќајната полиција.
По воведувањето на новиот режим летоска неколку недели сообраќајната полиција патролираше и казнуваше, но тоа не траеше долго.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во јануари на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто не казнуваат кога низ цело Скопје секој паркира кај стигне изјави дека немаат доволно полицајци.
„Факт е дека имаме недостаток на полициски службеници и дека не се доволно присутни во градот. Состојбата се подобрува, тоа го покажуваат и статистичките податоци и бројот на прекршоци. Безбедноста во сообраќајот не е работа само на една институција и затоа заеднички работиме на подобрување на состојбата“, рече Спасовски
А. АНТЕВСКА