ЏАФЕРИ ЈА ПОВИКА ДАНЕЛА ДА ЈА ИСКОСИ ТРЕВАТА ВО ВЛАДАТА, ТАА МУ РЕЧЕ САМ ДА СИ ГО СРЕДИ ДВОРОТ ОТИ НЕ Е НЕЈЗИНА НАДЛЕЖНОСТ

    ЏАФЕРИ ЈА ПОВИКА ДАНЕЛА ДА ЈА ИСКОСИ ТРЕВАТА ВО ВЛАДАТА, ТАА МУ РЕЧЕ САМ ДА СИ ГО СРЕДИ ДВОРОТ ОТИ НЕ Е НЕЈЗИНА НАДЛЕЖНОСТВладата е обрасната со еден метар трева и личи на џунгла, а не на највисока државна институција. (Фото: К. Попов)

    Техничкиот премиер Талат Џафери денеска ја повика скопската градоначалничка Данела Арсовска да ја искоси требата во дворот на Владата. Владата е обрасната со еден метар трева и личи на џунгла, а не на највисока државна институција.

    „Тоа е сопственост и надлежност на Град Скопје и според работата и обврските, ‘Паркови и зеленило’ како јавно претпријатие кое што се грижи за изгледот на главниот град е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства, ниту пак може да предвиди средства за надлежност на други институции. Жалам што изгледот е таков. Арсовска соодветен одговор доби на изборите, граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери на прес-конференцијата за 100 дена техничка влада.

    Арсовска преку фејсбук објава му одговори дека косењето трева во дворот на владата не е нејзина надлежност.

    „Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од в.д. премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. ЈП ‘Паркови и зеленило’ ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака в.д. премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи договор, исто како и секоја друга институција во Македонија”, напиша Арсовска.

    Оваа пролет цело Скопје е зараснато во треви и плевел. Кејот на реката Вардар, но и зеленилото долж булеварите и парковите се неискосени.

    Обврската за косење на тревата низ градот е на ЈП „Паркови и зеленило“. Зошто не се коси и дали воопшто ќе се коси не може да се дознае, затоа што на директорите на претпријатијата што ги поставува градоначалничката Данела Арсовска им е забрането да комуницираат со медиуми.

    Во Скопје уште не е почната ниту постапката за прскање против комарци. Првото прскање се врши кон средината на април. Но, годинава тоа не е направено оти пропадна дел тендерот на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира