Босанскиот пејач Дино Мерлин ќе пее на Плоштадот Македонија во Скопје на дочекот на Нова година. Градоначалникот Петре Шилегов и Дино Мерлин денеска на прес-конференција го најавија настанот и програмата за новогодишната ноќ.
Како што кажа Шилегов, настапот на Мерлин го најавуваат два и пол месеца порано оти смета дека голем број туристи од регионот ќе дојдат во Скопје да ја дочекаат Новата година.
„Малку се ѕвезди на Балканот, а Дино е една од нив. Уште во април го договоривме настанот и очекувам голем број посетители не само од земјава. Најавата е волку рано токму поради тоа, бидејќи сметаме дека така љубителите на Дино од регионот ќе можат навреме да го испланираат дочекот на Нова година“, рече Шилегов.
Босанскиот пејач кажа дека очекува најмалку 50.000 луѓе заедно со него да ја прослават Новата година на Плоштадот во Скопје.
„Градоначалникот беше толку упорен и одлучен да ме донесе во Скопје, што не можев са кажам не. Најавувам концерт кој ќе биде многу поинаков од моите досега во Скопје. Чест ми е што ќе бидам во Скопје за Нова година“, рече Мерлин.
Шилегов кажа дека гостувањето на босанската ѕвезда нема да го чини Градот ниту денар. Пари ќе бидат одвоени како и лани за украсување на градот и за новогодишната населба Винтерленд.
А. АНТЕВСКА