ДИРЕКТОРОТ НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ВО ШТИП ЈА САБОТИРА ИЗГРАДБАТА НА КАТНА ГАРАЖА И ВЕЛИ ДЕКА НЕ СКЛУЧИЛЕ ДОГОВОР ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА МАКФЕСТ

    ДИРЕКТОРОТ НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТА ВО ШТИП ЈА САБОТИРА ИЗГРАДБАТА НА КАТНА ГАРАЖА И ВЕЛИ ДЕКА НЕ СКЛУЧИЛЕ ДОГОВОР ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА МАКФЕСТДиректорот Горан Трајков смета дека со градежните активности се поткопуваат темелите на Домот на културата (Фото: СДК.МК)

    Штипската полиција попладнево интервенираше кај Домот на кулурата „Ацо Шопов“ во Штип, каде што е започната изградба на катна гаража, затоа што директорот на Домот, Горан Трајков, го оставил своето возило на градежната парцела за да ги спречи градежните работи. Тој смета дека со овие градежни активности се поткопуваат темелите на Домот на културата.

    Сметам дека со копањето се нарушува целата статика на домот, а згора на тоа, местото каде што се копа за катна гаража е всушност приодниот пат до задниот влез на Домот на културата, со што се затвораат сите неопходни и плански приоди кон објектот, кој во вакви градежни услови воопшто не може да функционира“, вели Трајков и додава:

    Во овој случај воопшто не сакам да го мешам фестивалот Макфест, кој треба да се одржи наредната недела во големата сала на Домот на културата. За фестивалот сѐ уште немаме склучено договор, само што начелно е кажан терминот за ангажирање на салата и останатите простории на домот. Но, нема да дозволам габаритната опрема за сцената да се внесува од главните влезови кои се службени само за вработените и публиката. Задниот влез кај сцената е во ископини и за негова заштита имам на ум да поставам шатори каде што се гради катна гаража, на само неколку метри до Домот на кулурата“, вели Трајков, кој веќе покренал и судска постапка.

    Според неговото објаснување, нему му била должност како директор на НУЦК „Ацо Шопов“ да ги информира сите надлежни институции за случувањата и опасностите што го демнат Домот за да ја симне одговорноста за евентуални штети.

    Неговото мислење не го дели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој исто така беше на местото на настанот и бараше од полицијата да се запишат сите детали за тоа како некои поединци попречуваат легални градежни активности.

    Јас, општината и граѓаните на Штип нема да дозволиме некои да спречуваат проекти кои се во интерес на сите, а најмалку да се спречува одржувањето на 38. издание на Макфест. Ние ќе најдеме начини и приоди како да се внесе опремата, а за останатите фестивали ќе нема проблем, затоа што катната гаража која се гради до Домот ќе биде со висина над задниот влез на објектот, до кој ќе има слободен пристап“, вели Јорданов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира