Директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Драган Илиевски им издал наредба на вработените дека не смеат да даваат никакви информации од претпријатието, а во спротивно ќе сносат последици. САКАМДАКАЖАМ.МК дојде до наредбата која е испратена до сите вработени на 26 јуни, а на неа стои потпис на в. д. директорот Илиевски.
„Со оваа наредба се задолжуваат сите вработени во претпријатието дека на трети лица кои не се вработени не смее да им даваат податоци кои содржат лични податоци, документи, договори за вработување или други правни акти. Доколку истите се побарани од членови на Управен или Надзорен одбор на претпријатието, единствено лице кое може да ги достави на увид е директорот на претпријатието или лице овластено од него. Непочитувањето на оваа наредба повлекува одговорност заради кршење на работниот ред и дисциплина и неисполнување на работните обврски“, стои во наредбата од в. д. директорот Илиевски.
Ваквата наредба се коси со начелото за еднаквост од член 5 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси кој гласи „Секој има право да спречи или пријави корупција или извршување, односно пропуштање на дејствие што претставува искористување на функцијата, јавните овластувања, службената должност или положба за да се нанесе штета на друг, без да трпи било какви последици“.
Директорот Илиевски не одговараше на нашите телофонски пораки, смс и вибер пораки за да појасни зошто издал ваква наредба.
Досега ниту еден директор на јавно претпријатие не донел ваква одлука.
САКАМДАКАЖАМ.МК повеќе пати пишуваше за кочење на проектот за изградба на пречистителната од новото раководство на Град Скопје и „Водовод и канализација“. Арсовска и Илиевски никогаш не даваат изјави за постапката, па сите информации медиумите ги добиваат од свои извори кои се вклучени во процесот.
Откако на градоначалничката функција дојде Данела Арсовска, ни таа ниту директорите кои ги назначува и постојано ги менува, не даваат никакви изјави за јавноста и се нетранспарентни во своето работење.
А. АНТЕВСКА