ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ И ЕУ СЕ ЗАГРИЖЕНИ ДЕКА АРСОВСКА И ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ НЕ РАБОТАТ НА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦА

ЕВРОПСКИТЕ БАНКИ И ЕУ СЕ ЗАГРИЖЕНИ ДЕКА АРСОВСКА И ДИРЕКТОРОТ НА „ВОДОВОД“ НЕ РАБОТАТ НА ПРОЕКТОТ ЗА ПРЕЧИСТИТЕЛНА СТАНИЦАНа последниот состанок на 11 мај меѓу сите вклучени во проектот било искажано незадоволство од ангажманот на Градот и „Водовод и канализација“. (Фото: К.Попов)

Европските банки, Европската унија и домашните институции вклучени во проектот пречистителна станица за отпадни води се загрижени дека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ не ја поддржуваат имплементацијата на овој капитален проект. Ова стои во записникот од последниот состанок одржан меѓу сите инволвирани страни во проектот на 11 мај, на кој не дошле претставнии на Градот. На овој состанок е заклучено и дека иако парите се обезбедени, првата рата не може да легне на сметката зашто Град Скопје не ги завршил потребните административни работи.

Претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ, Министерството за финансии, Министерството за животна средина, Секретаријатот за европски прашања, членовите на проектната единици за спроведување на проектот и претставници на „Водовод и канализација“ одржуваат редовни месечни состаноци за спроведувањето на проектот. На тие состаноци досега немало само претставници на Град Скопје иако имаат обврска да присуствуваат.

Последниот состанок се одржал на 11 мај и на него било искажано незадоволство од ангажманот на Градот и „Водовод и канализација“ за спроведување на проектот. Според записникот во кој увид имаше САКАМДАКАЖАМ.МК, прво било посочено дека анексот на договорот со фирмата изведувач подготвен од проектната единица и одобрен од Европската инвестициска банка, сè уште не е потпишан од директорот на „Водовод“ Драган Илиевски.

На состанокот, претставникот од Европската банка за обнова и развој кажал дека иако кредитот е ефективен, условите за исплата на парите не се исполнети. Од Европската инвестициска банка дополниле дека не се почитуваат условите за исплата на кредитот и не можат да се користат средства. Било посочено дека е потребно да се заврши процесот на експропријација и потребни се ресурси и поддршка за работење на проектната единица. Од банката уште еднаш на состанокот ја изразиле нивната загрижност дека менаџментот на „Водовод“ и раководството на Град Скопје не ја поддржуваат имплементацијата на проектот. Исто така било кажано дека сите трошоци што би настанале од евентуални тужби од изведувачот поради неисполнување на условите од договорот ќе треба да ги плати „Водовод и канализација“.

Претставниците од „Водовод и канализација“ кои биле на состанокот кажале дека градоначалничката Данела Арсовска имала состанок со министерката за животна средина Каја Шукова, на која ѝ кажала дека Градот има проблеми со експропријацијата со Општина Гази Баба, било ветено дека на наредниот состанок ќе испрати претставници од Градот и ѝ рекла дека веќе е отворена посебна сметка за парите од кредитот. Но, член на проектната единица веднаш посочил дека посебна сметка сè уште не е отворена, ниту пак на состанокот имало претставници од Градот како што ѝ рекла Арсовска на Шукова.

Од Град Скопје испратиле писмо до Министерството за финансии во кое бараат тие да ги решат проблемите со експропријацијата. На ова од Финансии, како што било кажано на состанокот, одговориле дека нивна задача е да ги управуваат парите од кредитот и грантот, а не да ги решаваат обврските на Град Скопје.

Во заклучокот од состанокот било наведено дека итно треба да се отвори посебна сметка за да може да легне првата исплата. Уште еднаш била искажана загриженост за статусот на проектот и побарана била „посилна поддршка од директорот на ‘Водовод’“ и од Град Скопје.

Наредниот состанок бил закажан за 25 мај, но тој не се одржа бидејќи од европските банки им испратиле писмо на Град Скопје и „Водовод“ дека нема да учествуваат на редовните месечни и неделни состаноци додека не се испратат претставници од Град Скопје.

Исто така, проектната единица е оставена без раководител откако директорот на „Водовод“ Драган Илиевски ја разрешил раководителката на 20 април, а решението ѝ го доставил дури на 18 мај. За оваа одлука не биле консултирани банките иако требало.

Од Град Скопје петти ден нема одговор на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали е точно дека е сменет раководителот на проектната единица, зошто не се одржал состанокот закажан за 25 мај кој бил закажан уште на 11 мај и дали добиле писмо од европските банки дека дека нема да учествуваат на идните состаноци. Наместо одговор добивме закана за тужба ако не го повлечеме текстот за 48 часа.

Проектот пречистителна станица за отпадни води во Скопје е вреден 200 милиони евра, од кои 136 милиони евра се кредит од ЕБОР и ЕИБ, а 70 милиони евра се неповратен грант од Европската унија.

Договорот за изградба на пречистителната станица е потпишан минатиот месец со германската фирма „ВТЕ Васертехник“.

А. АНТЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира