Диви копачи го уништиле водопадот во селото Длабочица, Општина Старо Нагоричане, еден од најживописните и најзелени предели во Североисточниот Регион. Вандализмот го забележале рекреативци и планинари, коишто алармирале до надлежните во Македонски шуми и Општина Старо Нагоричане. Селото Длабочица се наоѓа на триесетина километри од Куманово, покрај водопадотот се наоѓа и планинарски дом, поради што е често посетувано од кумановци и љубители на природата од целата држава.
„Излеговме на терен и видовме дека непознати лица вршеле градежни активности со багер на водопадот. Пробиен е пат во должина од околу 50 метри, а копано е во речното корито, пренасочена е водата од водопадот, уништен е целиот диверзитет. Се претпоставува дека се диви копачи. Направивме увид заедно со инспектор за животна средина од Старо Нагоричане и случајот ќе го пријавиме во полицијата, за открие кој го уништил локалитетот“, велат од Македонски шуми, Куманово.
Од Општина Старо Нагоричане велат дека тие немаат издадено дозвола за поправка или изградба на пат, ниту пак се известени дека ќе се одвиваат градежни работа, а немаат ни право бидејќи тој дел од планината ја стопанисува Македонски шуми. Згрозени се од вандалското однесување на поединци и велат дека е направена непроценлива штета на водопадот и на целиот еко систем.
Копањето на водопадот било извршено пред десетина дена, а луѓето кои викендов биле во планината останале во шок од она што го виделе, мислејќи дека активностите ги презема Македонски шуми како подготовка за сеча на шума.
„Како што може да се види веќе е пробиен и создаден пат за тешки товарни возила и веќе е упропастена природната камена подлога околу водопадот и самата река. А во најскоро време може да очекуваме и соголување на шумата околу самиот водопад, со што ќе биде нанесена непоправлива штета на оваа ретка природна оаза. Ова зборува за безосетноста и деструктивната тенденција присутна во сите пори на нашето општество која не остава ништо убаво, корисно и вредно да егзистира, напротив се она што има вакви својства мора да биде бездушно уништено“, велат луѓе кои биле на водопадот.
Планинарите од здружението „Козјак 2013“ од Куманово, како љубители на природата и луѓе со високоразвиена еколошка свет, остро реагираат на постојаното сечење и уништување на шумата на планината Козјак, соголување на огромни планински пространства, правење на диви депонии на планинските падини и долови блиски до населените места, за што никој не одговара и не реагира.
„Водопадите во Длабочица се наубавиот природен предел во Козјачијата кој е место за воодушевување, уживање, релаксација на нас, локалните планинари, планинари од други клубови и градови и сите рекреативци кои со гордост ја покажуваа оваа скриена убавина на нашиот Козјак. За жал и големо разочарување, тој предел веќе го има изгубено својот личен опис, уништен е природниот изглед, природно поставените камења, дрвја, живописноста веќе ги нема, сè е израмнето, острането, изпустено со градежна машинерија“, велат од здружението.
Тие бараат надлежните институциит да преземе мерки за спречување на овие деструктивни акции.
Од Македонски шуми велат дека тие попусто се обвинети од рекреативците, тие немаат планирана сеча на шума на таа локација, туку на сосема друго место, по строго утврден план и динамика за уредување на шумите.
Рекреативците, пак, појаснуваат дека „на прашање експлицитно поставено од нас дали ќе се сече кај водопадот, на бројот 022581093 – Македонски шуми Скопје ни беше одговорено дека ‘да, ќе се сече кај водопадот’“. Тие велат дека пријавиле и во шумска полиција и ќе бараат да се расчисти до крај чија е механизацијата и кој копа и сече шума без никаква дозвола.
С. НИКОЛИЌ