ДИВИ СВИЊИ И ВОЛЦИ ГО ЈАДАТ РОДОТ ОД НИВИТЕ ВО ВЕЛЕШКО

    ДИВИ СВИЊИ И ВОЛЦИ ГО ЈАДАТ РОДОТ ОД НИВИТЕ ВО ВЕЛЕШКООд Министерството за земјоделие, шумарство објаснуваат дека секој поединец, кој има штети од дивеч, истите може да ги пријави.(Фото: СДК.МК)

    Земјоделците од регионот на Извор, Велешко реагираат дека дивечот им го уништува родот. Ваквата состојба трае со години, но никој не презема мерки да ги заштити. Еден од тие што го има овој проблем е Иле Пешовски кој има ниви близу селата Долно Врановци и Стари град.

    „Дивите свињи ми ја изедоа пченката, додека волците се настрвија на бостанот. Многу штета имам летово. Треба ли пушка да земам и да се бранам од дивечот. Пријавувам за ова до полиција и толку. Сите креваат раце, а јас и десетина други комшии сме оштетени. Не е прва годинава. Ова се случува со години наназад, а спас нема“, вели Пешовски.

    Со постојниот Закон за ловство, волкот и дивата свиња не е дивеч кој е заштитен. Трајно се заштитени мечката, рисот, дивата мачка, шакалот, јазовецот, видрата, верверицата и други ретки животни и птици кои живеат во Македонија.

    Од Министерството за земјоделие, шумарство објаснуваат дека секој поединец, кој има штети од дивеч, истите може да ги пријави.

    „Во сите подрачни единици на Министерството со решение на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, формирани се комисии за утврдување на штети од дивеч. Потребно е оштетените лица да ги пријави штетите во Подрачната единица во Велес“, соопштија од Министерството.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира