ДОБИВМЕ СТРУЧНО МИСЛЕЊЕ ДЕКА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ГО НАРУШУВА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ЗАТОА ГО СУСПЕНДИРАВМЕ, РЕЧЕ ВРАБОТЕН ВО ОПШТИНА КУМАНОВО НА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ

    ДОБИВМЕ СТРУЧНО МИСЛЕЊЕ ДЕКА ДЕТАЛНИОТ ПЛАН ГО НАРУШУВА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС ЗАТОА ГО СУСПЕНДИРАВМЕ, РЕЧЕ ВРАБОТЕН ВО ОПШТИНА КУМАНОВО НА СУДЕЊЕТО ПРОТИВ МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИМаксим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени.(Фото: СДК.МК)

    Со сослушување на секретарот на Општина Куманово Александар Гелевски, денеска во Основниот суд Куманово, продолжи судењето против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, обвинет од Основното јавно обвнителство (ОЈО) Куманово за злоупотреба на службената положба и овластување, по пријава на двајца кумановски бизнисмени.

    Сопствениците на фирмите „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“, бараат оштета од 3,3 милиони денари, затоа што градоначалникот не им ја потпишал пресметката за надомет за уредување на градежно земјиште и не им издал дозвола за градба во предвидениот рок иако ја имале сета потребна документација, а Општината започнала постапка за суспензија на Деталниот урбанистички план каде што тие требале да градат, на булеватор Трета македонска ударна бригада во Куманово.

    Сведокот на одбраната Гелевски, кој по професија e архитект, и предходно работел во Секторот за урбанизам, детално ја опиша постапката од поднесување на идејниот проект на инвеститорите до укинување на одлуката за суспенизја на ДУП-от на Уставниот суд. Тој кажа дека бил присутен уште на првиот работен состанок кога било поднесено барањето за градба, а потоа и кога гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот дом побарале да се преиспита донесениот ДУП, затоа што го попречува нивното функционирање. Бидејќи се работело за прв случај институција да реагира на веќе донесен ДУП, побарале стручно мислење од професорот Мирослав Грчев кој потврдил дека има повреда на јавниот интерес, по што општинската комисија за урбанизам изготвила елаборат за суспензија на ДУП-от кој бил доставен до Министертсвото за транспорт и врски. Истовремено било поднесен предлог до Советот на Општина Куманово да го суспендира ДУП-от на една година, и да се изработи нов. По ова, инвеститорите повеле постапки до сите надлежни институции по што било дадено мислење да се почитува стариот ДУП. Уставниот суд го поништи решението на Општина Куманово за суспензија на ДУП-от и било наложено да се достави пресметката на инвеститорите. Во меѓувреме е издадено одобрение за градба, и зградите веќе се градат, но инвеститорите бараат надомест за претрпената штета.

    „Сè она што беше дадено како исказ од страна на секретарот на прашања на одбраната се фокусираше во делот на постапката за супсензија на ДУП-от, а свесно се избегнуваше делот за конкретното кривично дело, односно непотпишување на пресметката за комуналиите, која има утврден законски рок. Ова е уште еден обид да се намалат штетите од кривичното дело кое го има сторено обвинетиот Максим Димитриевски, и се обидуваат да докажат дека тоа што било поминало, и нема никаква штета. Факт е дека делото кое што е сторено од обвинетиот, од сите изведени докази, произлегува неговата умисла со непотпишување на пресметката за комуналии, се предизвикува свесно штета и одлегање на самата одлука. Со тоа што се обидуваа да прикажат дека сепак во моментот одобрението е дадено и градбата е отпочната, но сето тоа е сторено по одлуките на Уставен суд за укинување на сите одлуки на Општина Куманово, со одлуките на Управен суд, и по отпочнување на оваа кривична постапка, така да паѓа во вода обидот на одбраната да претстават дека градоначалникот е невин и градбата се гради“, изјави адвокатот на инвеститорите Виктор Цветковски.

    Наредното рочиште ќе се одржи на 24 декември, кога ќе биде презентирано вештачење на одбраната.

    Според обвинението, Димитриевски од април 2023 како градоначалник на Општина Куманово не ја извршувал својата службена должност и не го потпишал решението за градба и пресметката за надомест за уредување на градежно земјиште на правните лица „УПМ-ГРУП“ и „Хромак“ од Куманово. Со тоа сторил едно кривично дело  Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4б.б.ст.1 од Кривичниот законик.

    Димитриевски, тогаш кажа дека обвинението е монтирано со цел да му се наруши угледот и да се дискредитира пред изборите. Бизнисмените го повикаа да не изигрува „жртва“ туку да го почитува законот и одлуките на надлежните институции и на повисоките судови.

    С.НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира