ДОЈРАН ДОБИ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ДЕФЕКТИ НА МРЕЖАТА

    ДОЈРАН ДОБИ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ ПО ДВЕ НЕДЕЛИ ДЕФЕКТИ НА МРЕЖАТАОпштина Дојран набави и 4 нови препумпни станици од бунарите кои ќе вршат дотур на вода до горните делови, санирани се и дефектите на водоводната мрежа стара над 40 години. (Фото: СДК.МК)

    Жителите и сопствениците на викендици во Дојран добија вода за пиење откако во изминативе две недели, поради чести дефекти на водоводната мрежа и препумпните станици, по цели денови горните делови на ова туристичко место немаа вода. Поради застарената водоводна мрежа стара повеќе од 40 години и дотраените препумпни станици, горните делови на Дојран уште од првомајските празници имаа прекини во водоснабдувањето, а останатите делови имаше слаб притисок.

    „Имавме проблеми, но веќе се надминати. Во соработка со комуналното претпријатие ‘Полин’ успеавме, работевме и по 24 часа за да ги санираме сите дефекти на водоводната мрежа, а набавивме и 4 нови препумпни станици од бунарите кои ќе вршат дотур на вода до горните делови, за што инвестиравме околу 100 илјади евра во овој период, бидејки доаѓа и туристичка сезона. Станува збор за дотраена и стара мрежа повеќе од четири децении, која како мала Општина немаме многу пари сами да ја обновуваме и затоа мислевме дека ќе беше добро да има јавно-приватно партнерство, но жителите си кажаа не на референдумското изјаснување“, ни рече градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

    Дојран сакаше водоводот и канализациите да ги даде под концесија по пат на јавно-приватно партнерство да се подобрат овие комунални услуги. Но, жителите на референдум се изјаснија дека не сакаат влез на концесионер во оваа област и целата иницијатива пропадна.

    Од вчера попладне, сите корисници имаат вода за пиење. Дојран со вода се снабдува од четири бушотини и извори со вкупно 60 литри во секунда кои доаѓаат до водоснабдителни бунари, од каде со препумпни станици се врши дотур до домаќинствата. Градоначалникот Ангов смета дека најдобро решение е овој туристички центар да се приклучи на хидросистемот Ѓавато за да трајно се реши водоснабдувањето, за што се портебни околу 400 илјади евра.

    „Имаме изготвено проект за приклучување на Дојран на хидросистемот Ѓавато, но немаме пари. Се обидуваме да ги обезбедиме овие средства за да може трајно се реши водоснабдуваето во Дорјан, каде преку лето има и по десетици илјади гости. Но, со последните инвестициони зафати убедени сме дека ова лето водоснабдувањето ќе биде редовно со добар притисок“, кажа градоначалникот Ангов.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира