Повредените млади кочанчани кои се на домашно лекување, а имаат изгореници по рацете по пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, потребно е да се пријават за да може да добијат компресивна облека за заштита на телото. Тоа можат да го сторат со пријава до Општата болница Кочани – хирургија или во граѓанската иницијатва „Супорт Кочани“.
„Повредените со изгореници, во овој период кога има сонце треба да имаат заштита за да може да излегуваат од дома, за да може кожата да се ревитализира. Ќе дојдат стручни лица од фирма од Бугарија, кои ќе земаат мерки за облеката, лично од повредените. Затоа е потребно тие да се пријават“, вели д-р Кристина Серафимова, директорка на Кочанската болница.
Донацијата е обезбедна од „Супорт Кочани“, преку црквата „Св. Архангел Михаил“ од Нејви, Италија.
„Донирани се 40.000 евра, кои преку нашето здружение ќе бидат наменети за набавка на оваа компресивна облека. Изработувачите ќе бидат во кочанската болница од 12 до 14 мај“, соопштија од „Супорт Кочани“.
Во катастрофалниот пожар во неисправната дискотека „Пулс“ загинаа 62 лица од кои 6 деца, а повредени се 193 од кои 25 деца.