Десет загинати досега се потврдени во пожарот кој го зафати модуларниот Ковид-центар во Тетово околу 21 часот, но бројката може да порасне, соопшти Министерството за здравство и апелира да не се шпекулира со бројките. Според информациите од Тетовската болница, во модуларната единица имало вкупно 24 пациенти во моментот на пожарот.
„Ова е многу тажен ден, министерот за здравство д-р Венко Филипче изразува најдлабоко сочувство до семејствата. Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва“, велат од Министерството.
Во страотната несреќа има и голем број повредени кои итно се транспортираа во Скопје.
Премиерот Зоран Заев по состанокот на Кризниот штаб кажа дека нема да дава изјави додека трае увидот и истрагата.
Претходно, тој на Фејсбук објави дека експлозија предизвикала пожар во болницата.
„Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочуство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен.Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација“, објави Заев.
На увидот работи тим од петмина јавни обвинители, тројца од тетовското и двајца од скопското обвинителство, кои заедно со екипи од надлежните институции ги преземаат сите дејствија за утврдување на причините за пожарот, соопшти Обвинителството.
Според Сашо Трајчевски, заменик-командир на тетовската противпожарна единица, пожарот започнал внатре во болницата, многу брзо се ширел, а пламените јазици беа огромни бидејќи во неа има пластика, додека имало и експлозиите од боците со кислород. Пожарот беше изгасен околу 21.45 часот, со 7 возила и над 30 пожарникари. Трајчевски кажа и дека загинатите се ваделе уште додека траело гасењето.
Премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и лидерот на ДУИ Али Ахмети беа во обиколка на болницата, разговараа и со роднините на лицата кои биле во болницата и чекаа пред изгорениот објект. Потоа беа на состанок на Кризниот штаб на Општина Тетово.
З. АНДОНОВ