ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА УБИЕЦОТ НА 29-ГОДИШНАТА ШТИПЈАНКА ЕМИЛИЈА ПЕШЕВА СО КОЈА ЖИВЕЕЛ ПОДОЛГО ВРЕМЕ

    ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА УБИЕЦОТ НА 29-ГОДИШНАТА ШТИПЈАНКА ЕМИЛИЈА ПЕШЕВА СО КОЈА ЖИВЕЕЛ ПОДОЛГО ВРЕМЕПрва пресуда доживотен затвор на Основниот суд во Штип изречена во последните неколку години. (Фото: СДК.МК.)

    Доживотен затвор доби Фадил Зејнелов (34) за убиството на 29-годишната штипјанка Емилија Пешева. Убиството беше извршено на 1 ноември 2024 година кога Зејнелов во напуштен објект во Штип најпрвин со тупаница ја удрил Емилија со која подолго време живеел, а потоа со двете раце ја давел сè додека не престанала да дише.

    По убиството Зејнелов сам се пријавил на полицијата и кажал што се случило. Тој делото го призна и пред судот, велејќи дека ја прифаќа казната што ќе му биде изречена.

    Максимална казна доживотен затвор на единственото рочиште кое се одржа пред два дена бараше и основната јавна обвинителка од Штип, Билјана Тошева-Анакиева која потенцираше дека Зејнелов е повратник затоа што претходно бил осуден за неколку кривични дела со вкупна казна од 10 години затвор.

    Највисока казна затвор побара и семејството Пешеви. Таткото Слободан Пешев вели дека тој лично пријавувал во полиција дека Емилија постојано била тепана од Фадил Зејнелов, кој врската ја одржувал само заради парите што Емилија ги добивала за нејзината болест епилепсија и за нејзиниот малолетен син.

    „Ова свирепо и монструозно убиство покажува за каков човек се работи. Со претходните казни затвор се укажува на неговата непоправливост и за да не стори исто или слично дело во иднина убиецот на нашата ќерка треба никогаш да не излезе од затвор. Ќерката не можеме да ја вратиме, ја чувавме 29 години, ама убиецот ја заслужува оваа казна“ вели таткото Слободан Пешев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира