ДРЖАВАТА ДА ГИ ПОЧИТУВА КОЛЕKТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ИЛИ ЌЕ СЕ СООЧИ СО ПРОЦЕСИ КОИ СКАПО ЌЕ ЈА ЧИНАТ, НАЈАВИЈА ОД НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛА

    ДРЖАВАТА ДА ГИ ПОЧИТУВА КОЛЕKТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ИЛИ ЌЕ СЕ СООЧИ СО ПРОЦЕСИ КОИ СКАПО ЌЕ ЈА ЧИНАТ, НАЈАВИЈА ОД НЕЗАВИСНИОТ СИНДИКАТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО НА ПРОТЕСТОТ ВО БИТОЛАПросветните работници побараа од државата да ги почитува правата што им следуваат од потпишаните колективни договори и да се изврши порамнување на платите во образованието за 2024 година. (Фото: СДК.МК)

    Под слоганот „Оној кој не се бори, нема право да се жали“ членовите на Независниот синдикат на образование и наука (НСОН) попладнево излегоа на протестен марш во Битола. Тие побараа од државата да ги почитува правата што им следуваат од потпишаните колективни договори и да се изврши порамнување на платите во образованието за 2024 година. Во спротивно,  најавија дека државата ќе го почувствува револтот на просветните работници кој ќе се излее на улиците, а и во училиштата со прекин на наствата.

    „Ако бидеме ставени во положба да не се почитуваат правата од колеkтивните договори потпишани со нашата организација, од 01.01. 2025 година најавуваме покренување на постапки кои ќе ја чинат државата многу скапо.  Потребно е час поскоро усогласување на платата согласно растот на минималната плата. Не може ние да бидеме единствени во 2024 година кои нема да добијат порамнување на платата, не зборуваме за покачување“, рече Томислав Гиевски, претседател на НСОН.

    Тие побараа и предвидениот рок за исплата на платите да биде на 10-ти во месецот, а не на 15-ти или 20-ти. Исплатата на јубилејната награда да биде до 31 декември, а на сите наставници кои ги исполнуваат условите да им биде трансформиран работниот однос во траен. Тие истакнаа дека протестот е организиран само од синдикатот и нема политичка позадина.

    „Им кажуваме јасно и гласно на политичките партии- ве молиме немојте вие да се борите за нас, немојте вие толку многу да се грижите за нас! Единствена организација изградена од работници која се бори за правата на просветните работници е Независниот синдикат за образование и наука. Нашата заедничка организација да ја направиме најсилно синдикално здружување за да не можат повеќе како во претходните 32 години да не‛ заобиколуваат преку други организации“, рече  Гиевски.

    На протестот се обрати и просветниот работник и синдикалец Васко Гичевски, посочувајќи дека месечните трошоци изнесуваат илјада евра, а платата на наставник почетник е половина од тоа.  А над сето тоа, наставниците ги трпат и разноразните партиски пресметки.

    „Тешко на она општество што најмалку ги плаќа учителите, а своето дете го праќа тие да го учат. Не се само платите проблем, тука се низа работи што не се почитуваат од државата. Најнепријатната работа што се случува секој први септември се колегите со договор на определено време. Меѓу нив сум и јас. Секоја година обиди за разноразни малверзации. Секоја година лични трагедии , стресови, работи кои ни еден нормален човек не би ги трпел. И затоа нема и луѓе кои се желни да влезат во образование“, рече Гичевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира