ДРЖАВАТА НЕ Ѝ ИЗДАЛА НИКАКВА ЛИЦЕНЦА ЗА УВОЗ НА ОТПАД НА ДРИСЛА, ВЕЛИ ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА МАКРАДУЛИ

    ДРЖАВАТА НЕ Ѝ ИЗДАЛА НИКАКВА ЛИЦЕНЦА ЗА УВОЗ НА ОТПАД НА ДРИСЛА, ВЕЛИ ЗАМЕНИК-МИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА МАКРАДУЛИ„Во Република Северна Македонија не можете да увезете отпад за да го чувате, а бидејќи Дрисла може само да го чува, таква лиценца не може да се издаде. Во нашата држава може да се увезе отпад само ако го преработувате, а не за правење нови ридишта, според тоа нема дозвола која е дадена согласно законите за да може Дрисла да увезува“, рече Макрадули во Битола. (Фото: СДК.МК)

    „Ние како Министерство за животна средина не сме издале ниедна лиценца за увоз на отпад на компанијата Дрисла“, рече заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, во врска со фактот дека директорот на Дрисла Горан Ангелов, кој денеска беше разрешен, е косопственик на  бугарската фирма преку која во Бугарија се увезувал отпад од Италија, за што бугарското Обвинителство поведе и истрага.

    „Во Република Северна Македонија не можете да увезете отпад за да го чувате, а бидејќи Дрисла може само да го чува, таква лиценца не може да се издаде. Во нашата држава може да се увезе отпад само ако го преработувате, а не за правење нови ридишта, според тоа нема дозвола која е дадена согласно законите за да може Дрисла да увезува“, рече Макрадули.

    Откако „Дрисла“ беше дадена под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“, ја следеа низа шпекулации, обвинувања за сомнителни бизниси и судски постапки. Завчера бугарското Обвинителство поведе и истрага против сега ексдиректорот на „Дрисла“ Горан Ангелов и содружникот Блаже Игњатовски за увоз на опасен отпад од Италија преку нивната бугарска фирма „Блацион“ ДOO.

    Макрадули додаде дека Град Скопје ја врати во владение Дрисла и со неа ќе стопанисува сѐ додека не се распише повикот на кој начин треба да се регулира отпадот.

    „Греота е Дрисла да биде само место каде ќе се депонира отпад и тој ќе расте горе. Ако во западноевропските земји постојат 445 станици, фабрики за преработка на отпад кои генерираат енергија, мислам дека треба да ги следиме најдобрите светски пракси, стандарди и да направиме на тој начин во нашата земја еден сигурен капацитет“, рече Макрадули.

    Тој во Битола присуствуваше на поставувањето на новиот еколошки систем на греење со клима инвертери во Основното училиште „Кирил и Методиј“. Инвестицијата изнесува 5 милиони денари државни пари, со што се замени досегашниот начин на греење со дрва. Макрадули рече дека според Европската агенција за животна средина, од еден кубик дрва се емитува еден килограм ПМ 2,5 и еден килограм ПМ 10 честички што значи помалку 130 килограми ПМ 10 и 130 килограми ПМ 2,5 честички во воздухот во Битола.

    Во Битола од двете државни мерни станици работи само едната. Макрадули рече дека преку Интерег програмата ќе се постави уште една мерка станица за аерозагадувањето.

    „На почетокот на второто полугодие имаме ново еколошко греење во нашето централно основно училиште ‘Кирил и Методиј’ , отвора можност за поголем комодитет на децата и е ефикасно оти дава голем придонес за заштита на животна средина. Во училиштето во Кукуречани променети се 24 врати со што се придонесува за енергетската ефикасност. Размислувавме кои се следните објекти кои ќе можат да се опфатат со еко системи за греење“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира