ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ОД ДЕНЕСКА Е НА ГРАД СКОПЈЕ, ДИРЕКТОРОТ АНГЕЛОВ ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН УТРЕ

    ДЕПОНИЈАТА „ДРИСЛА“ ОД ДЕНЕСКА Е НА ГРАД СКОПЈЕ, ДИРЕКТОРОТ АНГЕЛОВ ЌЕ БИДЕ РАЗРЕШЕН УТРЕОдлуката „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја донесе на 17 јули 2019 година. - Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    Депонијата „Дрисла“ од денеска е во владение на Град Скопје. Централниот регистар ја впиша депонијата дека од приватна сопственост станува повторно јавно претпријатие. Со тоа после 9 години депонијата повторно е во сопственост на Град Скопје, откако во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски беше дадена под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“.

    „После две години активна борба успеавме да ја вратиме депонијата во сопственост на Град Скопје. Уште утре директорот Горан Ангелов ќе биде сменет и назначен в. д. директор. Ги повикувам сите надлежни институции да влезат во Дрисла и да го испитаат досегашното работење на концесионерот. Жал ми е што изгубивме 9 години, но јас сум гарант дека во Дрисла ќе бидат воведени најсовремени технологии“, рече градоначалникот Петре Шилегов.

    Откако „Дрисла“ беше дадена под концесија на италијанската фирма, ја следеа низ шпекулации, обвинувања за сомнителни бизниси и судски постапки. Вчера бугарското Обвинителство поведе и истрага против директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов и содружникот Блаже Игњатовски за увоз на опасен отпад од Италија преку нивната бугарска фирма „Блацион“ ДOO.

    Во однос на случајот на бугарското Обвинителство за директорот на Дрисла Горан Ангелов, Шилегов рече дека не сака да шпекулира и дека во наредниот период ќе се испита целокупното работење.

    „Според податоците од Царинската управа во земјава нема увоз на опасен отпад. Дали нелегално имало такво нешто не сакам да шпекулирам. Во случајот со Ангелов, станува збор за отпад увезен во Бугарија, не во земјава“ рече Шилегов.

    Град Скопје во 2011, во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, ја избра италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на Дрисла во наредните 35 години. Германски „Шолц“, второпласирана фирма на тендерот, двапати го обжалуваше договорот со италијанската фирма, по што Управниот суд пресуди дека поради неправилности во тендерската постапка треба да се склучи нов договор, но Град Скопје, раководен од градоначалникот Трајановски, повторно на двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

    По повторната тужба на Германците во октомври 2017 година, Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со Италијанците и да склучи нов со Германците. По оваа одлука, на крајот на 2017 пред Нова година градоначалникот Шилегов кој тогаш стапува на градоначалничката функција, поднесува жалба до Вишиот Управен суд, во која бара да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот. Жалбата на Шилегов беше одбиена и тој мораше да направи нов избор како што налагаше одлуката на судот. При бодувањето на двете фирми победник беше „Шолц“, но во законскиот период од 30 дена никој од фирмата не се јави да склучи договор за земање на Дрисла под концесија, и со тоа се отвори можност таа да се врати во владение на Градот.

    Одлуката „Дрисла“ да стане повторно јавно претпријатие Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов ја донесе на 17 јули 2019 година. Но, повторно настана проблем откако Централниот регистар не сакаше да ја впише во сопственост на Градот, бидејќи законот не предвидувал приватно друштво да се преобрази во јавно претпријатие. Потоа, во Собранието пратеници од СДСМ поднесоа иницијатива за измени на Законот за јавни претпријатија со кои се овозможува трансформација од приватно во јавно претпријатие. Измените беа усвоени на 28 декември 2019 година, а денеска одлуката беше впишана во Централен регистар.

    Во изминативе девет години на депонијата ништо не е вложено како што ветуваат концесионерите. Во април 2018 година беа поставени нови филтри, но тоа следуваше откако во јануари, Инспекторатот за животна средина ја казни со 8.500 евра депонијата и им наложи во рок од 90 дена да постават филтри бидејќи од печката за согорување медицински отпад излегуваат повеќе загадувачки материи од она што е максимално дозволено.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира