ДРЖАВНАТА СТАНИЦА ВО СТРУМИЦА ЕДЕН МЕСЕЦ НЕ ГИ МЕРИ ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ, ИНСТРУМЕНТОТ БИЛ РАСИПАН И СЕ ЧЕКА НОВ

    ДРЖАВНАТА СТАНИЦА ВО СТРУМИЦА ЕДЕН МЕСЕЦ НЕ ГИ МЕРИ ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ, ИНСТРУМЕНТОТ БИЛ РАСИПАН И СЕ ЧЕКА НОВОд Министерството за животна средина велат дека нов инструмент ќе биде поставен во кругот на болницата до крајот на годината (Фото: СДК.МК)

    Државната станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во Струмица повеќе од еден месец не дава резултати колкава е концентрацијата на штетните ПМ10 честички. Станицата, која се наоѓа во кругот на струмичката болница и е дел од националната мрежа преку веб платформата на Министерството за животна средина, ги дава сите останати параметри, но не и за ПМ честичките, за кои јавноста покажува најголем интерес.

    Од Министерството за животна средина и просторно планирање потврдија дека мониторинг станицата во Струмица не ги отчитува параметрите за ПМ честички. Инструментот бил расипан и во тек била набавката на нов, не само за Струмица, туку и за други мерни станици во земјава.

    „Инструментот што ја мереше концентрацијата на ПМ10 честичките во Струмица во реално време е расипан веќе извесен период. Во тек е набавката на нов и до крајот на годината ќе биде завршена, по што ќе биде инсталиран во станицата што се наоѓа во кругот на струмичката болница. Таму ќе биде биде поставен и инструмент за мерење на ПМ2,5 честички“, одговорија од Министерството за животна средина.

    Концентрација на ПМ10 честички во Струмица не отчитува ниту мерната станица на лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“ на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, поставена на струмичкиот плоштад. Од Универзитетот информираа дека била на сервисирање. Оваа лабораторија освен во Струмица, мерни станици има и во Штип, Кавадарци и Прилеп.

    Во моментов, штетните ПМ10 честички во Струмица ги отчитуваат само четирите станици на интернет платформата „Пулсе Еко“, и тоа од улиците Ленинова, Вера Циривири, Методи Митевски и Мара Минанова. Последните три станици се поврзани и со апликацијата „Мој воздух“.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира