ДРЖАВНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ЌЕ СЕ ПРОДАВА САМО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ЦЕЛИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ХОЏА

    ДРЖАВНОТО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ЌЕ СЕ ПРОДАВА САМО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ЦЕЛИ, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ХОЏАМинистерот Хоџа кажа дека законското решение ќе има многу заштитни механизми и нема да се дозволи злоупотреба. (Фото: СДК.МК)

    Државното земјоделско земјиште што во иднина ќе се продава според новиот Нацрт-закон кој го усвои Владата, ќе биде наменето само за земјоделски цели и не ќе може потоа да се пренаменува во градежно земјиште, рече министерот за земјоделство Арјанит Хоџа при денешната посета на Битола. Нацрт-законот е ставен на ЕНЕР на 29 април и до денес беше отворен за коментирање и предлози.

    Министерот ги демантира информациите во јавноста дека со новото законско решение земјиштето ќе се продава по ниски цени до едно евро за квадратен метар, и дека постои можност да се пренамени во градежно и да се даде под концесија за геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини.

    „Во ниту еден случај нема да се продава земјоделското земјиште онака како што во јавноста се шири дека тоа ќе биди по евтини цени или ќе се продава за после да се пренамени во градежно земјиште, апсолутно не. Секоја продажба што ќе се изврши евентуално при донесувањето на законот ќе биде искористена само за развој на земјоделството. Ќе имаме многу заштитни механизми во тој дел и нема да дозволиме некој да злоупотребува“, рече Хоџа.

    Тој ја повика јавноста да учествува со аргументирани предлози за подобрување на Законот.

    Запрашан зошто половина година Преспанското Езеро беше оставено без концесионер, па се ловеле и продавале крапови на црно, министерот одговори дека договорот со претходниот концесионер истекол во септември, а постапките за избор на нов течеле во услови на ковид-19.

    „Концесијата заврши во септември, веднаш е започната постапка. Во делот кога нема концесионер нема право никој законски да управува со Езерото. Веќе е завршена постапката, избран е концесионер. Новиот концесионер и Инспекторот за земјоделство ќе бидат постојано во контакт и нема да дозволиме да се продава риба било од Преспанското, Охридското или Дојранското Езеро без притоа да има дозвола од концесионер. Но, постапката течеше во ситуација на ковид, проблематично беше собирањето на владината комисија, од наша страна беа запазени сите рокови. Верувам дека е решен проблем и сега ќе имаме нова ситуација на добро менаџирање со Преспанското Езеро“, рече Хоџа.

    Тој во Битола ги посети реконструираните простории на подрачните единици на Министерството за земјоделство и на Агенцијата за храна и ветеринарство.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира