ДВА МАРКЕТА ВО СТРУГА КАЗНЕТИ СО ПО 3.200 ЕВРА, ЕДЕН ЗАТВОРЕН ОТИ НЕ ГИ НАМАЛИЛЕ ЦЕНИТЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОДУКТИ

    ДВА МАРКЕТА ВО СТРУГА КАЗНЕТИ СО ПО 3.200 ЕВРА, ЕДЕН ЗАТВОРЕН ОТИ НЕ ГИ НАМАЛИЛЕ ЦЕНИТЕ НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОДУКТИПазарниот инспекторат во Струга изминатиов месец спроведува засилени контроли за крајните продажни цени во маркетите. (Фото: СДК.МК)

    Поради непочитување на одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, два маркета од Струга добија парични казни по 3.200 евра, а еден и забрана за работа.

    Пазарниот инспекторат во Струга изминатиов месец спроведува засилени контроли за крајните продажни цени во маркетите. Оттаму велат дека дел од трговците не ги намалиле за 10 отсто пијалоците, овошјето и зеленчукот, а во повеќето случаи не биле јасно обележани производите со налепница за загарантирана цена.

    „По одлуките на Владата извршени се вкупно 45 надзори со записник и издадени се два платнени налози во вредност од 6.400 евра. Инспекторите се постојано на терен работиме и со прекувремени часови. На сила се три одлуки на Владата и апелираме до граѓаните да пријавуваат нерегуларности“, изјави Шпенди Илјази, раководител на Пазарниот инспекторат во Струга.

    Поплаките на граѓаните се сè побројни оти неретко среќаваат производи кои не се со намалена цена, но велат дека и ако се почитува одлуката на Владата тешко се живее.

    „Навистина тешко се живее со пензија од нецели 15 илјади денари. Цените многу се кренаа, а пари нема. Со ваков раст на цените пензиите мора да се покачат“, вели пензионер од Струга.

    Владата на 18 септември донесе одлука за воведување гарантирани цени на 25 основни прехранбени производи, која важи до 31 декември. Од Владата најавија нов пакет антикризни мерки од следниот месец.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира