ДВА МЕСЕЦА ГОДИНАВА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА БИЛ ЕКСТРАЗАГАДЕН, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ИСТРАЖУВА ЗАГАДУВАЊЕТО

    ДВА МЕСЕЦА ГОДИНАВА ВОЗДУХОТ ВО БИТОЛА БИЛ ЕКСТРАЗАГАДЕН, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ГО ИСТРАЖУВА ЗАГАДУВАЊЕТООд 67 дена со концентрации на ПМ10 честички над дозволеното, 17 дена биле во март. (Фото: СДК.МК)

    Битолчани 67 дена годинава дишеле воздух со дневни концентрации на ПМ10 честички над дозволеното, кои можат да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето. Податокот е објавен на официјалната страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде се вели дека на годишно ниво се дозволени 35 дена со надминувања на среднодневната гранична вредност на суспендирана прашина, а мерната станица Битола 2 веќе измерила 67. Од 2025 година изминаа 112 дена, значи во повеќе од половината загадувањето било над дозволеното. На март отпаѓаат дури 17 дена.

    Нема точен податок дали дел од прашината произлегла од депонијата за пепел во РЕК „Битола“. На 26 март, Државниот инспекторат за животна средина затекнал одложена пепел на отворено во депонијати и на Комбинатот му дал рок од 30 дена да ја стават во касети и да ја покријат со земја. Основното јавно обвинителство оформи предмет и истражува дали одлагањето на пепел се вршело согласно еколошката дозвола и Главниот рударски проект. Од РЕК изјавија дека при увидот инспекцијата утврдила количини на пепел на одлагалиштето кои отстапувале од пропишаните во проектот, но дека состојбата е санирана и нема ниту еден грам пепел, теренот е посипан со земја, а од 25 април одлагањето ќе продолжи директно во касети. Од РЕК соопштија дека извештајот покажал оти во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за концентрација на суспендирани ПМ10 честички.

    Пепелта е нуспроизвод од согорувањето на јагленот во термоелектраните, а таа се одлага во таканаречени касети и треба да се покрива со земја за да се спречи ширење на прашината низ околината, појава која е најизразена во услови на ветер.

    По настанатиот проблем, во јавноста се отвори дилемата дали пепелта од РЕК е радиоактивна. Според мерењата од проф. д-р. Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола направени со Гајгер-Милеров бројач од ноември 2024, дозата на еквивалентна радијација над самата пепел изнесувала од 0,08 до 0,10 микросиверти на час, што е приближно трипати пониска вредност од радијациониот фон во Битолскиот Регион. Според Трајковски, ова значи дека тука единствениот извор на радијација е космичкото зрачење. Но, додава дека неговиот инструмент не е сосема погоден за мерење на алфа радијација, Па, ако идните специјални мерења покажат дека во пепелта има алфа честички, тогаш на ризик би биле изложени во прв ред работниците и би морале задолжително да носат маски КН-95, кои штитат и од ПМ 10 и ПМ 2,5 честички.

    Истражувањето на „ТЕРА МЕД“ од 2017, кога на одлагалиштето непокриената пепел достигнала површина од 50.000 квадратни метри, а во Битола го презентираше професорт Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет, покажа дека тогаш депонијата со пепел во РЕК „Битола“ била на границата да стане депонија на радиоактивен отпад. Тој изјави дека радиоизотопите кои ги содржела пепелта биле три до пет пати со поголема радиоактивност отколку во околната почва.

    Во 2018, СВР Битола поднесе кривични пријави против тогашната Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) за загадување на животната средина, како и против петмина поранешни директори во РЕК, осомничени за соизвршителство. Се сомничеа дека дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на загаден воздухот во Битола, што претставувало опасност по здравјето на луѓето. Но, досега јавноста не знае за ниедно одговорно лице од РЕК кое легнало во затвор поради аерозагадување.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира