ДВА МЕСЕЦА НЕ РАБОТИ МЕРНАТА СТАНИЦА ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА ЌЕ ПОБАРА ПОПРАВКА

    ДВА МЕСЕЦА НЕ РАБОТИ МЕРНАТА СТАНИЦА ВО БИТОЛА, ОПШТИНАТА ЌЕ ПОБАРА ПОПРАВКАКако еден од најголемите загадувачи во централното битолско јадро се сметаат домаќинствата и институциите кои се греат на дрва и мазут. Минатата година во ноември истата станица измерила дури 17 дена со загадување над дозволените концентрации (Фото: СДК.МК)

    Скоро два месеца мерната станица во центарот на Битола не мери колкаво е загадувањето со ПМ 10 честички. На интернeт страницата на Министерството за животна средина, каде се објавуваат параметри од мерењата на аерозагадувањето, податоци од мерната станица Битола 2 за суспендирани честички нема од 20 септември годинава.

    Од Општина Битола изјавија дека веќе е задолжено лице да испрати допис до надлежните за сервисирање на мерната станица.

    „Одржувањето на мерната станица е во надлежност на Министерството за животна средина. Локалната самоуправа издаде барање до инспeкторот за животна средина да испрати допис до Министерство и да се иницира акцелерирање, односно санирање на мерната станица“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

    На крајот на минатиот месец на седница на Совет, советниците едногласно изгласаа да се задолжи градоначалникот да побара сервисирање и ставање во функција на мерната станица Битола 2.

    Оваа мерна станица во изминатите години за време на грејната созона секогаш покажуваше големо присуство на суспендирани честитки во воздухот во централното градско јадро. Како еден од најголемите загадувачи во централното битолско јадро се сметаат домаќинствата и институциите кои се греат на дрва и мазут. Минатата година во ноември истата станица измерила дури 17 дена со загадување над дозволените концентрации.

    Активна е само мерната станица на периферијата на Битола која покажува зголемено присуство на суспендирани честички и скоро двојно надминување на вкупниот број на дозволени денови со концентрации повисоки од дозволените. Досега оваа мерна станица измерила 62 денови со аерозагадување, а дозволени се 35.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира