ДВАЈЦАТА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ КОИ ДОЗВОЛИЛЕ ЛЕКАРКА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ДА ИЗВРШИ ЦАРСКИ РЕЗ ВРЗ РОДИЛКА КАЗНЕТИ СО ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОНИСКА ПЛАТА ЗА 30%

    ДВАЈЦАТА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ КОИ ДОЗВОЛИЛЕ ЛЕКАРКА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ДА ИЗВРШИ ЦАРСКИ РЕЗ ВРЗ РОДИЛКА КАЗНЕТИ СО ШЕСТ МЕСЕЦИ ПОНИСКА ПЛАТА ЗА 30%Казнетите лекари од денеска повторно се на работа во Клиничката болница во Битола (Фото: СДК.МК)

    Шест месеци намалена плата за 30 проценти ќе добиваат двајцата гинеколози од Клиничката болница во Битола, кои на 1 јануари ги пречекорија овластувањата и ѝ овозможиле на сопругата на едниот од нив без соодветна лиценца за работа да учествува во породување на родилка со царски рез во операциона сала на Одделението за гинекологија и акушерство. Вака одлучи комисијата која решаваше за случајот и ова е највисоката казна што можеа да ја добијат според Законот за здравствена заштита. Со ова заврши дисциплинската постапка и двајцата лекари, кои беа суспендирани, денеска се вратија на работните места.

    „Дисциплинската постапка заврши. Комисијата излезе со предлог казна и директорот донесе решение за изрекување казна за двајцата доктори, и тоа максимална парична казна која ја предвидува Законот за здравствена заштита, а тоа се 30 проценти од платата шест месеци. Истите се вратија на работа денеска“, соопшти директорката на Клиничка болница во Битола, Билјана Гагачовска.

    Покрај ова, МВР поднесе кривични пријави против двајцата гинеколози, Г. Ч. (60) и М. В. (33). Помладиот гинеколог, чија сопруга била во родилната сала, се товари дека сторил две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа. За другиот доктор, кој е и поранешен заменик министер за здравство и владин национален координатор за здравство, поднесена е пријава за злоупотреба на службената положба, а за лекарката гинеколог А. В (33) од Белград. која не била вработена и немала лекарска лиценца во земјава, кривична пријава за надрилекарство.

    Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) уште на 10 февруари соопштија дека ќе достават известување до надлежното Основно јавно обвинителство за случајот, заедно со документацијата обезбедена при надзорот за натамошно постапување. При вонредниот инспекциски надзор, ДСЗИ констатираше дека директорот на установата преземал законски предвидени мерки во врска со случајот, односно поведени се дисциплински постапки против девет лица од Одделот за гинекологија и акушерство, а двајца доктори се суспендирани до завршување на дисциплинските постапки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира