На улиците кои ќе се реновираат, две години нема да може да се вршат прекопи, најави градоначалникот Петре Шилегов. Тој денеска кажа дека компаниите кои поставуваат подземни инсталации, ќе треба тоа да го сторат пред да почне реконструкцијата. Откако на улицата ќе биде поставен нов асфалт, таа нема да смее да се прекопува, освен во итни случаи, ако пукне цевка или друг поголем дефект.
Пред почетокот на градежната сезона Град Скопје ќе ги објави имињата на сите улици кои се планираат во тековната година да се реконструираат и периодот во кој ќе се прават. Компаниите ќе треба до почетокот на градежните работи да ги изведат сите инсталации кои им се потребни на наведените улици.
„На овој чекор се решивме по многубројните оправдани реакции на граѓаните за прекопувањата на тукушто реконструирани сообраќајници, како и за начинот и времетраењето на градежните работи при овој вид на активности. Согласно со досегашната пракса, секоја компанија која имаше потреба од поставување подземна инфраструктура под сообраќајниците, поднесуваше барање до градот за дозвола за вршење прекоп, а по добиената дозвола вршеше прекоп и по поставувањето на подземните инсталации ја враќаа сообраќајницата во првобитна состојба. Проблемите во овој дел настануваа во случаите кога ќе добиевме барање за прекоп на тукушто реконструирана сообраќајница“, рече Шилегов.
Заострени критериумите за добивање дозвола за вршење прекоп се содржани во новиот правилник за вршење прекопи на сообраќајниците што се во надлежност на Град Скопје, кој треба да се усвои на наредната седница на Советот на Град Скопје.
Шилегов кажа дека во текот на оваа година планирани се делумни или целосни реконструкции или изградба на булеварите: АСНОМ, Кочо Рацин, Партизански одреди, Втора македонска бригада, Александар Македонски, К. П. Мисирков, Хрватска, Никола Карев и Јужен булевар; како и улиците: Димитрија Чуповски, Борис Сарафов, Февруарски поход, Ѓорче Петров, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Лазар Личеновски, Индира Ганди, Благоја Стевковски, Ферид Мурати, Димо Хаџи Димов, Живко Фирфов, Павел Шатев, Црниче, Македонско косовска бригада, Александар Урдаревски, Есенинова, Боца Иванова и Андон Димитров. За сите овие улици компаниите треба навремено да побараат дозвола за изведување прекопи заради поставување подземни инсталации.
А. АНТЕВСКА