ДВЕ ГОДИНИ ПО НАБАВКАТА, ВО ВЕЛЕС ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ИЗНАЈМУВААТ ЕЛЕКТРИЧНИ ВЕЛОСИПЕДИ, ЦЕНАТА Е 60 ДЕНАРИ ОД ЧАС

    ДВЕ ГОДИНИ ПО НАБАВКАТА, ВО ВЕЛЕС ЌЕ МОЖАТ ДА СЕ ИЗНАЈМУВААТ ЕЛЕКТРИЧНИ ВЕЛОСИПЕДИ, ЦЕНАТА Е 60 ДЕНАРИ ОД ЧАСНабавката на велосипедите чинеше 2,7 милиони денари (Фото: СДК.МК)

    Електричните велосипеди конечно ќе бидат ставени во функција во Велес, откако беа набавени пред речиси две години. На последната седница на Советот на Општина Велес, едногласно беа прифатени планот и програмата за работа со нив, предложени од ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ (ПСП).

    Со планот се предвидува 20 електрични велосипеди да бидат поставени на две локации, во спортската сала „Гемиџии“ и на езерото Младост, во објектот кај првата плажа изграден токму за оваа намена. Цената за изнајмувањето е 60 денари за час и ќе биде можно сите седум дена во неделата, во периодот од 10 до 20 часот, шест месеци во текот на годината.

    „На скала до 10, состојбата на велосипедите е меѓу 3 и 4. Нивната гаранција истекува следната година. Ќе видиме како ќе реагираат велешани и корисниците. Се надевам дека нема да завршат во Вардар или да бидат оштетувани. Платени се скапо, а не се од врвен квалитет“, рече Зоран Јаневски, в. д. директорот на ПСП.

    За активирањето на овие електрични велосипеди ПСП предвиде времено ангажирање на три лица за изнајмување и поправка, како и обезбедување возило со кое ќе се пренесуваат велосипедите.

    Набавката на велосипедите чинеше 2,7 милиони денари и вклучува смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците. Средствата беа обезбедени од грант на ЕУ, во рамките на проектот „Паметно езеро Младост“. Беа набавени во септември 2021 година.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира