ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ НЕ БИЛА ОДРЖУВАНА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ КАЈ БИТОЛА

    ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ НЕ БИЛА ОДРЖУВАНА ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ КАЈ БИТОЛАПретходната власт не платила ни фактура за одржување на станицата која сега работи со два од трите базени, рече директорот Талевски. (Фото: СДК.МК)

    Во Индустриската зона „Жабени“ кај Битола дури две и пол години не била одржувана пречистителната станица која е во сопственост на самата зона, изјави директорот Владо Талевски пред Комисијата за јавни и комунални дејности при Советот на Општина Битола.

    „Еден од најголемите проблеми во функционирањето на зоната е пречистителната станица, како ретко која зона имаме посебна пречистителна станица, затоа и зоната има еко интегрирана дозвола. Најголем проблем е што пречистителната станица не била одржувана 30 месеци, последното оддржување било пред 30 месеци и за жал, со моето доаѓање за директор затекнав дека не беше ни платена фактурата од тоа одржување. Моментално е во функција, не сто проценти, имаме уште проблеми, има три базени, едниот уште не е оспособен“, рече Талевски.

    Тој додаде дека ланската година како јавно претпријатие ја завршиле со добивка, но таа била намалена за 12 проценти бидејќи имаат зголемени трошоци во функционирањето на пречистителната станица, особено во делот за електричната енергија, кои се зголемени за 300 отсто.

    Како најголем проблем, сепак, ги посочи невратените отуѓени парцели каде инвеститорите се откажале да градат стопански објекти.

    „Најголем проблем беше што парцелите беа отуѓени во 2009 и 2010 година скоро 90 проценти, и не биле вратени во сопственост на Општина Битола. Никој од директорите не повел сметка да се вратат зашто, иако имале законска обврска 5 години после откупот, доколку немаат израдено објект да ја вратат во сопственост на Општина Битола, тоа не било сторено“, рече Талевски.

    Лани успеале да продадат 13 парцели, од кои 12 на еден инвеститор и уште една парцела на германска компанија од областа на изработка на спортски реквизити. Талевски за директор беше поставен пред една година, по промената на локалната власт која сега е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а претходно беше од СДСМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира