ДВЕ ИЛЈАДИ МЕТРИ КУБНИ ГРАДЕЖЕН ШУТ И СМЕТ СОБРАНИ ОД ДИВИТЕ ДЕПОНИИ ВО ВЕЛЕШКО

    ДВЕ ИЛЈАДИ МЕТРИ КУБНИ ГРАДЕЖЕН ШУТ И СМЕТ СОБРАНИ ОД ДИВИТЕ ДЕПОНИИ ВО ВЕЛЕШКОЗа есенското средување и за чистење на депониите потрошени се 12.000 евра од буџетот на Општина Велес (Фото: Општина Велес)

    Исчистена e и последната дива депонија, близу влезот на Велес од правец на Градско, кај вливот на Тополка во Вардар, па сите црни точки во околината на градот локалната власт ги исчисти во периодот ноември -декември. Во активностите за чистење на дивите депонии во есенскиот период во околината на Велес собрани и транспортирани се две илјади метри кубни градежен шут и смет.

    „Програмата за управување со отпад за 2018 во делот за чистење на диви депонии се заокружи со активностите на чистење на депонијата од градежен шут во близина на ресторанот ОХОХО. Есенва беа собрани 1.980 метри кубни отпад. Бидејќи Општината планира во следната година да го уреди долното течение на река Тополка како рекреативен центар и излетиште, овие подготвителни активности беа неопходни за да се спроведат градежни активности за уредување на просторот каде што ќе може да се остават возилата и да се пешачи по недопрената природа на течението на Тополка“, вели градоначалникот Аце Коцевски и најави дека активностите ќе продолжат и во 2019, затоа што во општината уште постојат диви депонии.

    За есенското средување и за чистење на депониите потрошени се 750.000 денари (околу 12.000 евра) од буџетот на Општина Велес.

    „За жал, наместо овие средства да се искористат за изградба на инфраструктура во општината, тие се вложуваат да се санираат последиците од несовесното депонирање отпад и создавањето на диви депонии од поединци“, вели Коцевски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира