Градоначалникот на Струга Менди Ќура, на денешната вонредна седница на струшкиот Совет поднесе извештај за преземените активности во врска со актуелната состојба со водата за пиење во селото Шум и тешката состојба што ги остави стружани 11 дена без питка вода од градскиот водовод. Кажа дека според експертите, главниот причинител за проблемот е човечки фактор.
„Констатиравме дека ископувањата извршени од две компании, низ годините, се евидентни и многу веројатно се главната причина за настанатата штета. Таму има длабоки ископувања и оштетувања што тешко ќе можат да се санираат. Досега утврдивме дека штетата е дополнително зголемена, бидејќи не е преземено ништо за заштита на овој природен ресурс“, рече Ќура.
Во извештајот е наведено дека поранешните општински органи, градоначалниците и надлежните институции, со своите постапки или непостапувања, го оштетиле екосистемот и следствено и водата. Се констатирало дека било дозволено ископувања повеќе од 10 години без критериуми, само за материјална корист. Имало сериозна институционална аномалија, при што една од компаниите добила дозвола за ископувања во оваа чувствителна зона.
„Не е утврдена заштитна зона од 1 километар околу изворот, што е задолжително и се дели на три заштитни зони: зона од 300 метри од изворот, каде што не треба да се дозволи никакво ископување ниту движење во близина, зона од 600 метри и зона до 1 километар. Оваа зона требало да биде оградена и физички заштитена“, се вели во извештајот.
„Но, за жал, поранешните раководители и одговорните институции не покажале интерес за заштита на овој витален извор, заедно со директорите на јавните претпријатија и надлежните органи. Сега штетата е направена и итно мора да се преземат мерки за санација на состојбата, без да се занемари кривичната одговорност на виновниците, бидејќи станува збор за витално прашање за здравјето и животот на граѓаните. Оние што прашуваат кој е виновен, одговорот го имаат самите: тоа се оние што дале дозволи да се оштети овој екосистем. Барам оштетувачите да сносат кривична одговорност и вакви случаи никогаш повеќе да не се повторат во иднина. Штетата е направена со години, а нам ни останува, за жал, да ја санираме оваа состојба“, вели Ќура.
Јованчо Мечкароски денеска е именуван за нов директор на Јавното претпријатие (ЈП) „Водовод и Канализација“ во Струга, по оставката на Меџијаит Јусуфоски поднесена од морални причини поради загадената вода од градскиот водовод, која 11 дена е забранета за користење.
Инспекторатот за животна средина и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга треба да утврдат дали хаваријата е предизвикана од неправилната и нестручна експлоатација на минерали, но и дали фирмата имала соодветна дозвола за за тоа. По бројните реакции на граѓаните. Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Кичево отвори постапка по сопствена иницијатива за да ја испита ситуацијата, а од Општина Струга и Јавното претпријатие се бара детален извештај за актуелната состојба.
С. ВРЕНЦОВСКА



