ДВЕТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО ЕДНО

    ДВЕТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ПАРКИРАЊЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО ЕДНОГрадоначалникот Аце Коцевски ја образложи одлуката со заштеда на финансиски средства, но и призна дека во формирањето на новото претпријатие „Велес паркинг“ се влегло амбициозно.(Фото: СДК.МК)

    На последната седница на Советот на Општина Велес е донесена одлука за започнување на постапката за спојување на ЈП „Велес паркинг“ со ЈП „Парк спорт“. Името на новото јавно претпријатието е ЈП „Парк спорт и паркинзи“ Велес. Градоначалникот Аце Коцевски ја образложи одлуката со заштеда на финансиски средства, но и призна дека во формирањето на новото претпријатие „Велес паркинг“ се влегло амбициозно.

    „Имајќи ги предвид финансиските состојби во двете претпријатија и тоа што се стремам за максимално искористување на човековите и материјалните ресурси, сметам дека оваа одлука е оптимално решение. По поднесувањето на оставка, ’Велес паркинг‘ нема директор и затоа е потребно да се спои кон ’Парк спорт‘. Секој што работи и греши во желба да се направат позитивни промени, да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните. Јавноста треба да знае дека за двата управни одбори не се исплатувани надоместоци“, кажа градоначалникот Коцевски.

    Коцевски кажа дека постапката на спојување нема да биде едноставна. Оваа констатација ја добил од искуството со спојувањето на двете основни училишта во едно. Одлуката за спојување треба да ја донесат управните одбори на двете јавни претпријатија.

    На ова реагираше советникот на ВМРО-ДПМНЕ Петре Саздов, кој кажа дека формирањето на двете јавни претпријатија во градот „Велес паркинг“ и, „Велес гас“ не било неопходно.

    „Упорно добронамерно укажувавме дека треба да се направат сите анализи и за доброто на сите граѓани, да се донесат квалитетни одлуки и дека е непотребно да се формираат тие две јавни претпријатија во тие фази на работа“, кажа Саздов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира