ЕАМ ОД ШТИП, ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА КОНФЕКЦИЈА СО СВОЕ ПРОИЗВОДСТВО, ОД ИЗВОЗ НА МАИЦИ ЗАРАБОТУВА 6 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО

    ЕАМ ОД ШТИП, ЕДИНСТВЕНАТА МАКЕДОНСКА КОНФЕКЦИЈА СО СВОЕ ПРОИЗВОДСТВО, ОД ИЗВОЗ НА МАИЦИ ЗАРАБОТУВА 6 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНОЕАМ сама одгледува памук и го преработува до трикотажен материјал од кој се шијат маиците сосе фарбање, печатење и везење. (Фото: СДК.МК)

    Штипската текстилна фирма ЕАМ е единствената македонска компанија која има сопствено производство, почнувајќи од основната суровина памукот, неговата преработка до финалниот трикотажен материјал од кој се создава крајниот производ маиците, и нивното фарбање, шиење, печатење и везење. На неколку атари од Штипско Поле се наоѓаат плантажите со памук, а неговата преработка и натамошното производство се одвива во современите погони во кругот на поранешната фабрика „Македонка“ во Штип.

    „Целокупниот производствен процес е компјутерски автоматизиран и во сите негови фази е високо софистициран. Покрај маиците кои се главниот производ, компанијата изработува и знамиња и капи, а се врши и печатење и везење на амблеми. ЕАМ е фабрика за производство на стандардни и поло маици за сите возрасти, а најмногу за младите кои секогаш се со највисокиот моден тренд“, вели почетниот творец на компанијата, модниот дизајнер Никола Патриклиски, кој своето искуство го стекнуваше во „Астибо“ од Штип.

    Тој вели дека со своето комплетно прозводство ЕАМ е најголема текстилна фабрика во Македонија, а со оглед на тоа што оваа индустриска гранка кај нас претежно е со лон производство, ЕАМ истовремено е најголемата извозна компанија од областа на текстилната индустрија, која остварува чист извоз со над 6 милиони евра годишен прилив. Се извезува во сите земји од ЕУ. Голем број познати светски личности ги носат моделите изработени од ЕАМ, а голем број автомобилски компании, како што се „Мерцедес“, „Сеат“, „Порше“ и други, како и разни државни институции соработуваат со штипската компанија.

    ЕАМ големо внимание посветува и на хуманоста. За време коронакризата, оваа компанија прва изработи и донира над 20.000 маски кои во тоа време беа неопходни. Голем број актери и спортисти, цели репрезентации од сите спортови не само во Македонија туку и во странство, како во Хрватска, Србија и многу други земји, носат маици со свои обележја, изработени и донирани од штипската конфекција.

    Првите луге на ЕАМ велат дека тајната на успехот е во нивната инвентивност и секако во компјутеризираниот техничко-технолошки процес во кој компанијата најмногу инвестира, па не постои модел и дизајн кој ЕАМ не може да го изработи. Истовремено, ЕАМ како современ програмски бизнис е првиот во својата категорија кој може виртуелно да биде посетен од кој било дел на светот.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира