Едно лице загина, а 15 се тешко повредени и хоспитализирани во Клиничката болница во Штип, меѓу нив и 11 мигранти, во синоќашните две сообраќајни несреќи на патниот правец Штип-Радовиш, соопшти СВР Штип.
Првата сообраќајка се случила кај селото Лакавица, на 20. километар од патниот правец Штип-Радовиш, каде дошло до судир на три возила „мерцедес“ со велешка регистрација чиј возач побегнал, камион управуван од возач од скопското село Булачани и „мерцедес“ со бугарска регистрација управуван од 50-годишна жена од Штип. Меѓу повредените имало 10 мигранти од Пакистан и еден мигрант од Авганистан. Сите мигранти биле сместени во мерцедесот, некои од нив и во багажникот. И натаму се трага по возачот.
Портпаролката на Клиничката болница Марина Шуманска вели дека од првата несреќа се хоспитализирани 12 повредени лица од кои 11 се мигранти и две лица македонски државјани. Шест повредени се примени на Хируршкото одделение, а пет тешко повредени се на Ортопедското одделение. Три поврдени лица се под опсервација, а само едно е пратено на домашно лекување.
Во втората сообраќајна несреќа, која се случила на истиот патен правец на клучката за селото Љуботен, загина едно лице. Портпаролката на СВР Штип Гордана Панајатова кажа дека и во оваа сообраќајка учествувале три возила, „опел корса“ со штипска регистрација управувано од 33-годишно лице од Кочани, „пежо“ управувано од 28-годишна жена од Радовиш и „мерцедес“ управуван од 40-годишен маж од Кочани. Во овој верижен судир загинал сопатникот од „опел корсата“ Е. М. (42) . Останатите повредени се вон животна опасност и се хоспитализирани на Ортопедија во Штип.
Т. ЈОВАНОВСКИ