Едно лице почина на местото на сообраќајната несреќа, а 20-мина работници се повредени во директен судир меѓу комбе и патничко возило, што се попладнево околу 15 часот се случил на излезот од Битола кон Демир Хисар. Од СВР Битола потврдија дека сообраќајката е со жртва и неколкумина повредени кои со возило на Итната медицинска помош се пренесени на лекување во Клиничката болница во Битола.
Повредените се работници од фабрика од битолската индустриска зона кои комбето најверојатно ги превезувало дома по завршувањето на првата смена на работа.
Според СВР Битола, во сообраќајката на местото на несреќата почина 42-годишниот битолчанец К. К. кој бил совозач во патничкото возило „пежо“ со битолски регистарски озnаки со кое управувал К. Ј. (36) од Битола. Во комбето, пак, имало 18 работници и возачот А. С. (25) од село Вирово. Сите 18 патници од комбето и возачот на комбето како и возачот на патничкото моторно возило се пренесени во Клиничка болница Битола за санирање на повредите.
Од Клиничката болница во Битола потврдија дека има 20 повредени лица кои поминале низ Ургентниот центар на установата, сите со телесни повреди.
„Тринаесет се препратени на Одделението за ортопедија, добро третирани, едниот е упатенен на Неврохирургија, а другите на домашно лелкување. Нема хопспитализирани на Одделението за ортопедија. На Неврохирургија се 4 повредени пациенти, се чекаат резултати од направената компјутерска снимка и не знаеме дали ќе бидат натаму хопспитализирани.Тројца се на Одделението за хирургија и за нив се чекаат резултати од компјутер“, рече Елизабета Ивановска, директорка на Битолската болница.
Во спасувањето на повредените лица беа вклучени и две противпожарни возила со осум пожарникари. Од Територијалната противпожарна единица во Битола велат дека дел од патниците во комбето излегле сами, а дел ги извлекле тие.
Увидот на местото е во тек.
Ж. ЗДРАВКОВСКА