ЕДНА НЕДЕЛА НЕ СЕ МЕРАТ ВРЕДНОСТИТЕ НА ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ ВО ВЕЛЕС, ПОДАТОЦИТЕ ЗА ВОЗДУХОТ СЕ НЕТОЧНИ

    ЕДНА НЕДЕЛА НЕ СЕ МЕРАТ ВРЕДНОСТИТЕ НА ПМ10 ЧЕСТИЧКИТЕ ВО ВЕЛЕС,  ПОДАТОЦИТЕ ЗА ВОЗДУХОТ СЕ НЕТОЧНИ Се мерат вредностите за чад и сулфур двооксид, а тие за ПМ 10 не се во функција од 27 декември лани, Општина Велес предупредува не верувајте на податоците дека воздухот во градот е чист и незагаден (Фото: СДК.МК)

    Повторно вон функција е мерната станица во Велес. Локалната  власт предупредува не верувајте на податоците дека воздухот во градот е чист и незагаден. Велешани не знаат каков воздух дишат, откако седум дена мерната станица Велес 2, не ги мери ПМ честичките, а мерната станица Велес 1 не работи со години. Се мерат вредностите за чад и сулфур двооксид, а тие за ПМ 10 не се во функција од 27 декември лани.

    „Има проблем со мерните апарати, екипите се на терен и очекуваме наскоро тој да биде отстранет. Не се покажуваат вредносите само за ПМ 10, другите параметри, чад, озон, сулфур двооксид се мерат“, велат од Министерството за животна средина.

    Автоматската мерна станица  Велес 2 не работеше и од 1-8 декември.  Се случува нејзините разултати да предизвикуваат реакции кај јавноста, оти имаше часовни пикови кои стигнуваа и до илјада мг на  метар кубен, вредности кои потоа беа  бришени, а граѓаните беа во дилема каков воздух дишат.

    „Зимава, во најголемото загадување, ние не знаеме  каков воздух дишеме. Мерните инструменти повеќе грешат, не работат и не покажуваат каков е квалитетот на воздухот, што е недозволиво“, вели Игор Смилев од еколошкото друштво „Зелена сила“.

    До Министерството за животна средина реагирале и од Општина Велс, барајќи инструментите да се поправат и да нема празни џебови – периоди без резулатити во текот на зимава. Надлежните од локалната власт ја предупредуваат јавноста во градот да не се  залажуваат со вредностите кои се покажуваат на друго мерно место и кои ги споделуваат, а според  кои воздухот во Велес е идеален и незагаден.

    „Општина Велес им укажува на сите заинтересирани граѓани, медиуми и други интересни групи кои го следат квалитетот на воздухот преку веб апликацијата Мој воздух, дека на правата страна на апликацијата секогаш се појавува AQI – Air Quality Index кој претставува сума на СИТЕ ИЗМЕРЕНИ ВРЕДНОСТИ на сензорите на една станица. Во овие денови вредностите се многу добри, но не треба да се занемари фактот дека ПМ10 не се мери и не влегува во AQI. Затоа, кога ќе дојдете до податок дека AQI е добар до одличен овие денови, не заборавајте дека суспендираните честички не се мерат“, предупредуваат од Општина Велес.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира